Четврто издание на Лешочкиот камерен музички фестивал

Сподели

Во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок на 30 септември ќе биде отворено четвртото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал, на кој во рамките на двете фестивалски вечери ќе се одржат по два концерта.

На свеченото отворање на 30 септември, на првиот концерт во 18:00 часот ќе настапи дуетот гитари „Милонга“ во состав Дејан Лазаревски и Александра Кировска, а на вториот концерт од 19:00 часот ќе настапат Дајана Малорари Пајазити – сопран и Едита Руси – пијано. 

На втората фестивалска вечер, првиот концерт е резервиран за младите музички уметници Никола Соколовски — кларинет, кој ќе настапи во пијано-придружба на Билјана Петровска, а како камерен гостин на концертот ќе настапи Филип Трајковски – хармоника. На вториот концерт, пак, ќе настапат гостите од Турската Република Северен Кипар: Руја Танер – пијано и Куршат Башар – саксофон со нивниот проект „Од регионално до глобално“ (From regional to global), информираше Маја Шутевска-Кировска од организацијата на Фестивалот.

Целта на Фестивалот е приближување на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот Регион со едно гостување од странство.

Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам.