Чичаковски: Завршени се најголем дел од активностите за локалните избори

Сподели

-“Завршени се најголем дел од планираните активности за Локалните избори 2017, закажани за 15. октомври, изјави во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски, кој истакна дека најголем дел од општинските изборни комисии се веќе оперативни, а изборните одбори формирани.

ДИК, посочи Чичаковски, со подготовки за локалните избори започна веднаш по завршувањето на предвремените парламентарни избори.

-” Беа изготвени планови за активности кои требаше да ги преземеме за подготовка за локалните избори и веднаш се започна со преземање на дел од тие активности. Дел од активностите подоцна беа преземени и со Планот 3-6-9 на Владата. Тоа и не беше случајно бидејќи при изготвување на Планот 3-6-9 направивме неколку средби со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и неговиот тим на кои ги дефиниравме приоритетите што требаше да влезат во Планот во поглавјето Избори. Тоа е првото поглавје во Планот 3-6-9, што укажува на приоритетот на тие активности. Од оваа дистанца можам да кажам, а за тоа подготвивме информација до Владата на РМ и го информиравме тимот од ЕП и ЕК со кои имавме средба пред неколку дена, дека се извршени најголем дел од активностите кои беа планирани и слободно можам да истакнам дека сум задоволен со сите активности кои ги преземавме за подобро организирање и спроведување на локалните избори”, истакна претседателот на ДИК.

Чичаковски вели дека во моментов сите општински изборни комисии се целосно оперативни и ги добиле потребните просторни, технички услови од општините и нормално функционираат. Во моментов исто така се изготвуваат и доставуваат решенијата за избор на членовите на избирачките одбори.

-” Тоа е сложена логистичка операција. Треба да се има предвид дека околу 34.000 членови на избирачките одбори беа избрани во минатиот период”, рече Чичаковски додавајќи дека случајниот избор на членовите на избирачките одбори во општините каде што има мешана етничка структура е малку покомплициран. Претходните состави на ДИК имаат утврдено формула со која се запазува принципот на правична застапеност и тој принцип и овојпат бил соодветно имплементиран.
Се појавиле проблеми при изборот на членови на изборните тела но, вели Чичаковски,  ДИК со такви проблеми се соочувала и во минатото. – Согласно закон тие се отклонуваат и во моментов се изготвуваат и доставуваат решенијата за избор на членовите на избирачките одбори”, истакна претседателот на ДИК.

Дел од предизвиците со кои се соочуваат некои од општинските изборни комисии се блокираните сметки, но како што вели овој проблем не е екслузивно врзан само за овие локални избори. Во моментов, според Чичаковски, ДИК ги прибира податоците кои општини се со блокирани сметки или немаат доволно буџетирани средства за покривање на сите активности.