Чифте амам: Изложба на Ги Ланжевин „Паднати ангели“

Сподели

 

Во рамки на одбележување на деновите на Франкофонијата,
Амбасадата на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора
и Националната галерија Ве канат на отворање на изложбата со наслов „Паднати ангели“ на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин.

Графиките ќе бидат изложени во објектот Чифте амам
отворањето е на 10 март 2020 год., во 19 часот.

Амбасадорката на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора, г-ѓата Кетлин Чаба и директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими на 10 март 2020 год., во 19 часот, во објектот Чифте амам ќе ја отворат изложбата на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин.

Ги Ланжевин (роден 29 мај 1954 година во Шикутими, Квебек, Канада), дипломирал 1977 на Универзитетот во Троа-Ривиер. Познат по делата во „црна гравура“ (мецотинта), држи курсеви за магистранти по оваа техника во Канада и други земји (Франција, Белгија, Луксембург, Кина, САД). Еден е од основачите на ателјето „Presse Papier“ и меѓународното Биенале на современа графика во Троа – Ривиер. Учествувал во бројни уметнички проекти како кустос и член на жирито/ уметничкиот совет. Излагал на повеќе од 60 самостојни (40 во Канада, 20 во странство) и преку 150 групни изложби во Канада и 250 меѓународни изложби ширум светот.
Од опусот на уметникот на македонската публика ќе и бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднатите ангели“. Во овие дела, Ланжевен продолжува со истражувањето на некои од дуалитетите кои го карактеризираат нашето доживување на животот – светлоста и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањето и заборавот, но и контрастот помеѓу јаснотијата и неодреденоста на памеењето. Тој избрал во оваа серија да им се посвети на две техники – мецотинта, традиционална техника која бара висок степен на мануелна прецизност и вештина, и дигиталната фотографија, која се развива со голема брзина во основна техника на 21 век. Целината е замислена како целина за излагање, така чинејќи ја инсталацијата која му нуди на гледачот предизвик и прилика за размислување. На „паѓачките ангели“ им се одземени крилјата, исто како што им е одземена облеката и идентитетот на лицата. Тие се со човечко потекло, а, набљудувачот може да ги толкува на различни начини.
Техниката мецотинта е една од најмануелните техники во графичките процеси, бидејќи за изработување на матрицата – металната плоча од која се пресликува имиџот на хартија е потребно да се работи по механички пат со помош на „лулашка“ – специјална алатка за „гребење по металниот цртеж“.
Оттука оваа изложба има уште една едукативна компонента и става акцент врз старите техники, кои се речиси на работ на исчезнувањето.
Во соработка со Факултетот за ликовни уметности, одделот за графика во Сули ан, уметникот ќе одржи предавање, еден ден пред отворањето на изложбата, на 9.3.2020 во 10.00 часот.