Поради пандемијата со корона вирусот, наместо на почеток на јули како досега, годинава „Д фестивал“ ќе се одржи од 21 до 23 август во Градскиот парк – Дојран. Целосната програма ќе биде објавени на почеток на месец јули.
„Според насоките од Светската здравствена организација, кои препорачаа враќање на фестивалите, изработивме детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји, кој го доставуваме до надлежните институции“ велат од тимот на „Д фестивал“.
Сите оние кои не се во можност да присуствуваат на овогодинашното издание, а имаат купено билети, истите ќе може да ги задржат за 2021 година, а на располагање ќе им бидат понудени и различни решенија за поврат на средствата.
„Сакаме да ве известиме дека вашите билети се безбедни. Задржувајќи го набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија и за возврат, добивате можност да присуствувате на двете „Д Фестивал“ изданија – во 2020 и во 2021“ – информира тимот на „Д фестивал“.
Како што велат тие, во соработка со нивните пријатели од Србија, „Д фестивал“ ќе се одржи една недела по „Exit festival“.