Д-р Пановски: Прво новинари ми се јавија да ме прашаат за нешто што го немав чуено

Сподели

 

Министерот за здравство Беким Сали преку објава на Фејсбук најави дека наскоро ќе формира нова Комисија за заразни болести и ги повика универзитетските професори Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат како нејзини членови.

 

Министер за здравство, Беким Сали

 
“Според најавите, а во согласност со законските надлежности, како министер за здравство на Република Северна Македонија наскоро ќе ја формирам Комисијата за заразни болести. Таа е советодавен орган во чиј состав се истакнати експерти кои преку научни толкувања ќе ни овозможат ефикасно, навремено и ажурно да предлагаме мерки во согласност со епидемиолошката состојба. Непобитен факт е дека сегашните околности бараат засилено и координирано дејствување, врз основа на стручни и реалистични проценки.
Оттука, како министер најавував дека промените во ова тело ќе бидат во насока на проширување и дополнување на неговиот состав, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Заради ефективност и успешност на овој процес, би сакал јавно да ги поканам и угледните професори д-р Драган Даниловски, д-р. Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа.
Чест и задоволство ми е јавно да го упатам повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести. Гласот на науката е клучен во борбата против Ковид-19. Да го искористиме на најдобриот начин!
Доколку од какви било причини не се во можност да бидат дел од Комисијата за заразни болести, им упатувам отворена покана да бидат дел од мојот тим на советници”, објави министерот за здравство Беким Сали.
 
На оваа објава реагираше д-р Никола Пановски:
 
“Каква е таа јавна покана? Се кани на состанок, се разговара, па потоа може јавно да објави што сака. Вака, прво новинари ми се јавија да ме прашаат за нешто што го немав чуено ни прочитано лично. Нормално на ваков начин секако не прифаќам. А за совети, давам на секого, секако и министерот ако бара совети ќе ги добие. Министерот Филипче еднаш за две години само еднаш побара совет од мене и го доби во писмена форма, дури и јавно го објави”, изјави д-р Пановски.