Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, вечерва изјави дека сe согласува со ставовите со македонското Министерство за надворешни работи оти не треба да се урива пријателството меѓу Србија и Македонија и додаде дека тоа треба да важи и во Белград и во Скопје, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.
По повод реакцијата на македонското МНР на неговата изјава дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија го признала Косово и го поддржала неговиот прием во УНЕСКО, Дачиќ соопшти дека „колегите во Скопје добро знаат колку тој придонел за развојот на пријателските односи, и како министер за внатрешни работи и како премиер, и сега како министер за надворешни работи“, како и дека „Србија е една од ретките земји што не се меша во внатрешните работи на Македонија“.
Дачиќ нагласи дека Македонија „гласаше против српскиот став за прием на Косово во УНЕСКО, односно оние кои ги палеа и уриваа српските православни цркви и манастири на Косово сега да се грижат за нив“. Тој, исто така, вели дека за ова лично разговарал со Никола Груевски, Никола Попоски, но и со претседателот Ѓорге Иванов.
– Почитуваните колеги од Скопје би морале да знаат дека со тоа го уриваат нашето пријателство. Тоа е јасна порака дека албанските интереси или нечии други, сеедно, им се поважни од пријателството со Србија“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.
„Белград никогаш не направил и нема да направи штета на Скопје и би сакале да биде и обратно. А, ако не е така, тогаш никој нема право да ѝ се лути на Србија што ги брани своите интереси“, се додава во соопштението.