Дали обвинетите од СЈО може да ја напуштат Македонија со друго државјанство?

Сподели

На лице на кое судот му го одзел пасошот не треба да му биде дозволен излез од државата со друга патна исправа, смета правниот експерт Маргарита Цаца Николовска. Македонија има потпишано билатерални договори со Србија, Косово и со Албанија за минување на границата само со лична карта, со што и овој документ станува патна исправа. Но, според Николовска, на граничните премини, во вакви случаи, секој документ што може да послужи како патна исправа треба да бидат исто третирани, без разлика дали се работи за домашен или странски пасош или лична карта, пренесува АЛСАТ-М.

„…По матичниот број може да се утврди дека станува збор за едно исто лице, а забраните за напуштања на државата се евидентирани во компјутерската евиденција која е на располагање на полициската служба на граничните премини.“ – изјави Маргарита Цаца Николовска – Поранешен судија на судот во Стразбур

Според Николовска, истото важи и за дипломатскиот пасош, но посочува дека ако некој од обвинетите од Специјалното јавно обвинителство поседува ваков документ, неговата важност треба да заврши со завршувањето на службата.

„Јас се прашувам колку од овие лица имаат дипломатски пасош со оглед на тоа што сега не се на функција? Прашање е колку нашите служби им ги имаат одземено дипломатските пасоши или ги имаат огласено за неважечки.“ – додава Николовска

Инаку, судот не му прифати ниту едно барање за притвор на СЈО од вкупно побараните 13. Во најголемиот број случаи, наместо тоа одредена беше поблага мерка, како одземање пасош.

Алсат-М