Данијела Гачевиќ на чело на Секретаријатот на ЦЕФТА

Сподели

 

Економистката Данијела Гачевиќ ја презеде функцијата вршител на должноста директор на ЦЕФТА и ќе го замени досегашниот прв човек на таа организација, Емир Џикиќ.

Со повеќе од 15 години искуство во областа на меѓународната трговија, Гачевиќ носи богата експертиза и докажани резултати во својата нова улога. Вршејќи различни функции, таа се здоби со големо знаење и практично искуство во националните, регионалните и меѓународните трговски рамки, а пред да биде именувана на оваа позиција, беше виш советник за олеснување на трговијата во Секретаријатот на ЦЕФТА.

Дипломирала на Економскиот факултет во Подгорица, каде што магистрирала од областа на меѓународните односи. Своето професионално знаење го надградувала преку бројни специјализирани програми и обуки, а била и советник во Министерството за економија на Црна Гора и учествувала, меѓу другото, во преговорите за слободна трговија меѓу таа и други земји. За време на нејзината кариера, таа беше дел и од тимот на Светската трговска организација.

Назначувањето на Гачевиќ претставува сигурен континуитет во унапредувањето и развојот на слободната трговија и зајакнувањето на регионалната економска соработка.

„Остануваме посветени на олеснување на трговијата во регионот на ЦЕФТА и зајакнување на конкурентноста на економиите потписнички на ЦЕФТА. На тој пат драгоцено ќе биде искуството што го поседува новоименуваниот в.д. директор, што, сигурни сме, ќе биде дополнителна движечка сила во напорите на ЦЕФТА за намалување на трговските бариери и создавање нови трговски можности, преку усогласување на трговските политики со стандардите на ЕУ“, велат од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Како што е соопштено, Гачевиќ ќе биде вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА до изборот на нов директор.