Бугарија и дава целосна поддршка на интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, се наведува во Предлог-декларацијата на бугарското Народно собрание посветена на проширувањето на ЕУ и на Процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Албанија.
Во предлог-документот, како што јави БГНЕС, Софија го повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година.
Во текстот се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.
“Целосно да го спроведат договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок”, се наведува во Предлог-декларацијата.
Во предлог текстот на бугарското Собрание се бара и „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците“.
Во делот од декларацијата што се однесува на евроинтеграцијата на Албанија, се бара гарантирање „со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава да го изучува бугарскиот литературен јазик како мајчин во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс“. Во текстот се бара и спроведување на попис на населението во Албанија во согласнсот со европските стандарди, со цел да се добие објективна слика за етничкиот состав на земајта.
“Врз таа основа и во вакви услови 44. Народно собрание на Република бугаирја го поддржува започнувањето на претпристапните преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија”, се потенцира во Предлог-декларацијата.