Како дел од државните свечени настани и одбележувања по повод 150 годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и заменичката-министерка за надворешни работи, Фатмире Исаки, во име на Владата на Република Северна Македонија, денеска положија венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас” во Скопје.
На овој настан во чест на јубилејната 150 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев принесе и делегација на Владата на Република Бугарија предводена од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, придружувана од заменичката-министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, заменик-министерот за култура, Јуриј Велковски и амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Ангел Ангелов.
Венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положи и Илхан Ќучук, европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент.
Владата на Северна Македонија го поздрави учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев, најзначајниот лик од историјата на нашата земја, во знак на поддршка на дијалогот и напорите на двете земји за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата.