Демант дека Скопје нема да биде европска престолнина на културата во 2028

Сподели

 

Градот Скопје остро ги демантира наводите и дезинформациите објавени денеска (14.12.2023 година) на интернет порталот „Фактор“ со наслов „СКОПЈЕ НЕМА ДА БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА: Еве кој град победи“, во кој се тврди дека Град Скопје нема да биде Европска престолнина на културата во 2028 година. Овие тврдења се лага со која се манипулира јавноста и се шират невистини.

Според правилата на Европската комисија, и во 2028 година три града ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ.

На Скопје во финалниот избор за титулата Европска престолнина на културата 2028 од земја надвор од ЕУ, конкуренција му беше Будва.

Ве потсетуваме дека во рамките на целокупниот изборен процес на градовите што ќе ја носат престижната титула, Град Скопје беше официјално  избран  на 20 септември (самиот настан и прогласувањето беа пренесени во живо на повеќе медиуми во Македонија), претходно беше избран градот Ческе Будјејовице од  Чешката Република, а вчера (13 декември, како што беше најавено) беше избран и последниот град – претставник од Франција, Бурж.

Значи, за Европски престолнини на културата за 2028 година се избрани: Скопје, Ческе Будјејовице од Чешката Република  и Бурж од Франција.

Градот Скопје Ве потсетува дека Ви стоиме на располагаме за сите потребни информации за кои се интересира јавноста. Исто така, Ве потсетуваме на законската обврска да го објавите овој демант, кој може да го сметате како барање за повлекување на клеветничкиот текст. Доколку во рок од 48 часа истиот не биде отстранет, а извинувањето објавено на начин и во обем како клеветничкиот текст вистината ќе мора да ја докажете пред надлежниот суд.