Демократска фракција- ВМРО ДПМНЕ: Прогонетите Македонци и преговорите околу промена на името на нашата држава

Сподели

Прогонетите Македонци и преговорите околу промена на името на нашата држава

 

Кога веке постојано грчката страна во преговорите инсистира на севкупно решение во спорот за името и кога гледаме дека се наметнуват нови и нови теми, како Демократска фркација на ВМРО ДПМНЕ, сметаме дека мора на преговарачката маса да биде поставено прашањето кое е суштината на сите проблеми помеѓу државите.

Се работи за геноцидот од страна на грчките монархофашисти во текот на Граѓанската војна во Грција врз македонското цивилно население во северниот дел на Грција како и насилното протерување на 30.000 дечиња од своите родни огништа. Освен тоа, по овој злочин грчката држава донесе низа закони со кој дополнително го покажа своето нечесно, нечовечко и недемократско лице.

  • Имено го донесе Законот со кој се одземаат државјанствата на насилно протераните лица од македонско потекло,
  • Закон со кој насилно ги одземаа имотите на насилно протераните Македонци,
  • Донесе Закон за дозвола за враќање на протераните од граѓанската војна но само за ,,Грците по род”
  • Донесе Закон за регулирање на имотите на повратниците, исто така само за ,,Грците по род”.

Сите овие закони за жал сеуште се на сила и ден денес кај нашиот јужен сосед. Врз основа на истите овие закони една огромна група на граѓани во РМ (се претпоставува околу 200.000) е дискриминирана и не може да ги ужива загарантираните слободи и права. Ова се коси со Универзалната Декларација за човечките права на ОН, а се поставува прашањето како може вакви закони да важат во држава членка на ЕУ? Како може ЕУ да толерира држава која практикува вакви дискриминаторски закони, а пропагира наводни европски вредности?

Сметаме дека правата на оваа огромна група на лојални граѓани на РМ, нашиот преговарачки тим мора да ги стави на масата за преговори и ова прашање еднаш за секогаш да се затвори. Нема севкупно решение за спорот помеѓу двете држави, нема достоинствено решение без праведно затварање на ова прашање. Посебно што Ципрас и неговите сопартијци многу добро го знаат ова, од причина што нивните предци се бореа рамо до рамо со Македонците во рамките на ДАГ во антифашистичката борба , како и потоа во граѓанската војна во Грција.

Тука има и друг момент кој нашиот преговарачки тим мора да го има во предвид, а тоа е Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на граѓанската и втората светска војна, број 07-3627/1 од 27 август 2018 година изгласана во Македонскиот Парламент со поддржна и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ и на сите останати политички партии.

Нашите преговарачи оваа Резолуција мора да ја почитуваат и да се грижат за нејзината реализација во преговорите, а доколку не можат или не сакаат тогаш нека ја поништат во Собранието на РМ.

И конечно, согласно предходно кажаното бараме од актуелната власт на нашиот јужен сосед и од од Г-дин Ципрас како прв човек на Грчката држава најмалку нешто што може да стори за своите сограѓани насилно протерани од своите родни огништа, раселени по целиот свет, без елементарни граѓански и човечки права во својата родна земја, во најмала рака да го осуди овој монархофашизам, да изрази едно големо ИЗВИНУВАЊЕ за стореното зло и да почне да ги почитува и спроведува во пракса европските вредности за кои вербално се залага.

Исто така Фракцијата смета дека ставот на владата на РМ и МНР за протерување на дипломат од Руската амбасада поради солидаризирање со Велика Британија е избрзан потег поради две причини. Прво поради тоа што скоро половина од државите на ЕУ не ја следат замолницата на Велика Британија за солидаризирање со случајот Скрипел и второ од причина што случајот нема завршница од аспект на истрага и неможе со сигурност да се утврди кој е сторителот на труењето.

Актуелната власт направи преседан невиден во поновата македонска историја и непотребно ги влоши односите со една од најголемите светски држави, која меѓу првите не призна под уставно име.

ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА – ВМРО ДПМНЕ