Во светот и кај нас 9 јуни се одбележува како Меѓународен ден на архивите, ден кога во Париз во 1948 година е формиран Меѓународниот архивски совет, организација посветена на унапредувањето и промовирањето на архивското работење и на заштитата на архивските материјали. Оваа организација има околу 1.400 членови од 199 земји, меѓу кои е и нашиот Државен архив, и остварува тесна соработка со Советот на Европа, УНЕСКО и со други организации и институции.
„Овој ден архивистите од целиот свет пригодно го одбележуваат и ги потенцираат значењето и достигнувањата во сферата на архивистиката, како што тоа го прави и нашиот Архив. Но, поради околностите со пандемијата, годинава се организираат повеќе семинари и работилници преку интернет, на кои ќе учествуваат и наши претставници“ – ни изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Тој додава дека во последно време Меѓународниот архивски ден прераснува во Меѓународна архивска недела кога се организираат повеќе настани поврзани со работата и значењето на Архивите, како нераскинлив дел од историјата и идентитетот на секоја земја и народ.
„Еден од тие настани е и утрешниот интернет-собир, организиран од страна на Меѓународниот центар за архивско работење од Хрватска, кој, всушност ќе биде советување на тема: „Архивите и научното општество“, а ќе биде промовирана и книгата „Архивите и дигиталното време“, која што, се надевам, наскоро ќе биде преведена и на македонски јазик“ – потенцира директорот д-р Емил Крстески.
Исто така, годинашнава Меѓународна архивска недела е посветена и на темите поврзани со унапредувањето на науката, вештачката интелигенција, дигиталната заштита и новите технологии, доверливоста на информациите и со други слични прашања кои имаат влијание врз практичното унапредување на архивската дејност и професија.