На денешната седница треба да се распушти Собранието на Република Македонија за да може на 11 декември да се одржат предвремени парламентарни избори. Иницијативата за распуштање на Собранието ја даде СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ја прифати со услов претходно да се усвои буџетот за 2017 година.
Точката за распуштање на Собранието ќе биде веднаш по точката за усвојување на буџетот за 2017 година, информираа минатата недела од кабинетот нa претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Претседателот на Собранието го поздравува ставот на пратеничката група на СДСМ за распуштање на Собранието, за разлика од минатите двапати кога оваа партија бараше одложувања на веќе закажаните парламентарни избори. Истовремено, Вељаноски го поздравува и ставот на партиите од владејачкото мнозинство, кои, исто така, во континуитет стојат на позициите за распуштање на овој парламентарен состав согласно постигнатите договори. Овој факт е од исклучително значење бидејќи единствено на тој начин, консензуално, преку избори, мандатот повторно ќе го добие народот и тој, како најмеродавен судија, ќе ја даде најточната оценка. Законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември“, пишува во соопштението од кабинетот на Вељаноски.
На интернет-страницата на Собранието, на дневен ред на денешната 125. седница, закажана за 12 часот, како прва точка е ставен буџетот за 2017 година, а како втора и трета точка се ставени двата предлога за распуштање на Собранието поднесени од пратеникот Павле Трајанов и од пратеничката група на СДСМ.
Собранието треба да одлучува и по законите што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, за заштита на сведоците и за продолжување на мандатот, а кои ги предложи Павле Трајанов, но тие сè уште не се ставени на дневен ред на денешната седница.
Претходно овие предлози кои во собраниската процедура влегоа по скратена постапка, беа одбиени од собраниското мнозинство.
Собранието пред распуштање треба да расправа и за вишокот гласачи во шестата изборна единица, каде има 5,28 отсто гласачи повеќе од дозволеното. Како решение, се предлага гласачите од Дебар да се префрлат во петтата изборна единица.
Демократскиот сојуз бара на денешната седница на Собранието на Република Македонија, прво да се изгласаат законите за Специјалното јавно обвинителство, потоа промените за шестата изборна единица и, на крај, по одржана расправа, да се гласа за буџетот.