Денови на романски филм во Кинотека

Сподели

 

Со проекцијата на филмот ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА (Oameni de treaba / Men of Deeds) на 22 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), со почеток од 20:00 ч., во Кинотеката започнуваат ДЕНОВИТЕ НА РОМАНСКИОТ ФИЛМ. Манифестацијата ДЕНОВИ НА РОМАНСКИ ФИЛМ е во организација на Романскиот културен институт, Амбасадата на Романија и Кинотеката.

ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА е романско-бугарска копродукција од 2022, во времетраење од 105 мин., колор, ДЦП, во режија Паул Негоеску (Paul Negoescu).

Автори на сценариото се Раду Романјук и Оана Тудор (Radu Romaniuc, Oana Tudor), кои ќе бидат присутни и публиката по проекцијата ќе има можност да разговара со нив.

Сторијата на ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА говори за Илие, маж во доцни 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на една серија насилни настани, наскоро го претвора во соучесник во убиство. Илие и неговиот нов колега Вали, кој штотуку дипломирал на полициската академија, имаат многу различни мислења за тоа како треба да продолжи истрагата.

Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука, која испаѓа дека е погрешна. Или можеби е во право?

По трите филма сместени во урбана средина и снимени според негови сценарија, Негоеску во ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА плете филмска приказна во која актерот Јулијан Постелнику (Iulian Postelnicu) остварува блескава улога, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година. Во другите улоги Ангел Дамиан, Василе Мурару (Anghel Damian, Vasile Muraru).

Романјук e филмски и театарски актер. Роден е на 5 јуни 1978 година во Фламанци, Романија. Дипломирал на Националниот универзитет за театарски уметности и кинематографија во 2001 година. Во 2003 година ја игра првата улога во филмот ТАНКУЛ, а. познат е по филмовите ДРУГАРОТ ДЕТЕКТИВ (Comrade Detective, 2017), ПРИКАЗНА ЗА ЛЕТНИОТ ГУБИТНИК (Povestea unui pierde-vara, 2018) и ВРАЌАЊЕ НА ЖИВИТЕ МРТОВЦИ: БЛАДАЊЕ ДО ГРОБ (Return of the Living Dead: Rave to the Grave, 2005). Тудор е исто така филмска актерка, која настапува во ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА, а претходно и во филмот КРАЈ ШИНИТЕ (Dincolo de calea ferata / By the Rails, 2016)

Филмот ќе биде прикажан на романски јазик, со превод на македонски и англиски јазик, а неговата репризна проекција е закажана за 29 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК) во 20:00 ч.

На ДЕНОВИТЕ НА РОМАНСКИ ФИЛМ ќе бидат прикажани и филмовите ТИ СИ ЧАУШЕСКУ (Pentru mine tu esti Ceausescu / You Are Ceausescu) на Себастијан Михалеску (Sebastian Mihailescu) на 23 Мај (вторник), 20:00 ч.; ИНТРЕГАЛДЕ (Întregalde) на Раду Мунтеан (Radu Muntean) на 25 Мај (четврток), 20:00 ч.; НЕ ДОПИРАЈ МЕ (Touch me not) на Адина Пинтилие (Adina Pintilie) на 26 Мај (петок), 20:00 ч., и МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА (R.M.N.) на Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu) на 27 Мај (сабота), 20:00 ч., и на 30 МајЈ (вторник), 20:00 ч.