Денеска се одбележуваат десет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа 11 припадници на воздухопловната бригада на АРМ.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“ од базата Бутмир кај Сараево. Тие требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.
Во несреќата животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.