Министерката за правда Рената Дескоска денеска го повика Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со цел, како што наведе, да се спречат секојдните обиди од различен тип за избегнување на правдата и обезбедување на неказнивост за сериозни кривични дела.
-“Тие обиди се движат од постојано одложување на судските постапки со цел да се опструира носењето на судски одлуки, до иницирање постапки пред Уставниот суд за укинување на членови од Кривичниот законик, а сега и од Законот за помилување. Целта на сите овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на Специјалното јавно обвинителство, а кои сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отварањето на вчерашната постапка од страна на Уставниот суд за оценка на членот 11-а се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали. Јас не сакам да прејудицирам, ниту да влијаам на било каква одлука на Уставниот суд, но за да се спречи активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов”, изјави за МИА министерката за правда, Рената Дескоска
Таа го повикува Собранието да ги искористи механизмите кои ги има и со свое автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување да го потврди тоа што го тврди стручната јавност, а тоа, како што наведе, е дека членот 11 на кој Иванов ги засноваше своите масовни помилувања, не постоеше, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеа стариот член 11 од законот.
За Уставниот суд подносителот на иницијатива бил ирелевантен. Важно била самата иницијатива, а кој ја поднел не кажувале бидејќи тоа лице можело да има последици по безбедноста. Извори во Судот за ИРЛ велат дека тоа лице е еден од адвокатите на помилуваните – одмилувани од страна на Ѓорѓе Иванов.
Судот ја прифати иницијативата за разгледување на уставноста на овој член. Постојат две опции – едната предвидува укинување на овој член, додека другата поништување. Ако се укине, тоа ќе значи дека овие законски промени ќе се однесуваат на сите идни постапувања, но ако се пониши, ќе се однесува и на сите досегашни. Во превод, одмилуваните ќе станат повторно помилувани и сите постапки против на суд нема да можат да продолжат, – пренесува ИРЛ.