Деца ни умираат! – Џабир ДЕРАЛА

Сподели
Пишува Џабир Дерала за civilmedia.mk

Деца ни умираат по болници како муви. Три деца за три дена! Каква е оваа држава? Какви луѓе живеат во оваа држава? Каков систем изградиле тие луѓе? Како можат да го дозволат ова? Какви родители се тоа што „здравствената култура“ ја стекнуваат на Фејсбук, а главен медицински советник им е попот или оџата? На која географска широчина се наоѓаме? Во кој век живееме? Да продолжам ли да врескам?Џ

Ние не сме сиромашна земја. Ни оддалеку не сме толку сиромашни за да живееме во земја во која децата умираат затоа што државата не обезбедила доволно средства тие да бидат максимално заштитени. Ако можеа Грујо и Фамилија да обезбедат милијарди евра за себе, значи имаме пари! Ако може и сегашната власт да храни десетици илјади солдати од сите партиски бои (помирување), значи имаме пари!

Ако причината за смртта на децата се „мудрите“ одлуки на родителите да не ги вакцинираат децата, постојат закони што треба да го стават нивното старателство под знак прашање. Ако вакцините се стари, опасни, неквалитетни, тој што ги набавил, треба да оди на суд, па ако се докаже дека е виновен, мора да заврши зад решетки. Ако министер погреши, треба да поднесе оставка и да одговара пред законот.

Ако можеме да храниме огромна, непрегледна администрација што не ја бива за пет пари, можеме да се грижиме и за децата. Или, не одат двете работи заедно? Па, тогаш, да одбереме што ни е поважно, администрацијата или животот на децата.

Читам дека заседаваат комисии, како и за секоја друга ситница и глупост, така и за смртта на децата, за епидемијата од морбили… Колкави се платите на тие што седат во тие фотелји, кожни, удобни? Колкави се надоместоците на оние што треба да „допатуваат“ на заседавањето на тие комисии? Колку чини системот што на секоја трагедија одговара со состанок на некаква си комисија? Уште колку пати ќе поставуваме прашања од кои зрачи очај и беспомошност?

Ако властите, локални и централни, отпуштат 50-60-70 илјади луѓе од администрацијата, ќе имаме пари и за подобро здравство и за подобро образование. Звучи невозможно, затоа што се навикнавме да живееме во крајно неморално општество. Се навикнавме да се стремиме кон недостоинствени позиции во општеството, кон нешто што нема врска со професија, туку само со задоволување на потребите на дигестивниот тракт… И после ќе ни умираат децата. Па, ќе умираат!

А можно е! Можно е да се преполови администрацијата. Можно е да се стави крај на легализираното крадење. И тогаш, ќе има пари. Ќе има пари и за подобро платени лекари, наставен кадар и стручен и помошен персонал. Ќе имаме пари и за неспоредливо повисока социјална помош и програми за преквалификација, субвенционирање на зелени работни места, за сѐ ќе имаме пари, под услов да не се краде! Администрацијата треба да биде непожелно место за работа, а не највисока амбиција, веднаш по амбицијата да се напушти државата. И сето тоа може да се направи едноставно и брзо.

Со чесност и решителност! Ако нешто од тоа преостанало во оваа земја.

Ако можеме да бидеме светски пример за решавање тешки и апсурдни спорови со соседите, можеме и ова да го направиме. Наместо „едно општество за сите административци“, да им посветиме повеќе време и внимание на децата, да го спасиме животот на тие кревки, скапоцени фиданки!