Денеска како продолжение на активностите кои МВР ги отпочна во рамки на „Детската недела“, резервирана за првата недела на октомври, кога и министерот Спасовски го отвори својот Кабинет за најмладите, во Полицискиот центар Ѓорче Петров во кој се наоѓа базата на Единицата за брзо распоредување беше реализирана посета на околу педесет деца од ЈУОДГ „Пролет“ – Карпош и клон „Сончогледи“ – Влае.
Реализираната посета е согласно програмските определби на установата во рамки на кои е предвидено најмладите поблиску да се запознаат со дел од професиите, во случајот со професијата полициски службеник – припадник на Одделот за специјални полициски операции. Во текот на посетата децата имаа можност во непосреден контакт со припадниците на ЕБР да слушнат за задачите на оваа единица, компетенциите кои се неопходни за да се биде дел од неа, улогата што оваа Единица ја има во целокупниот систем на безбедност на граѓаните, материјално – техничките средства, опремата и возилата коишто специјалците секојдневно ги користат при извршување на службените задачи за остварување на безбедноста на граѓаните.
Најмладите гости на ЕБР имаа можност да ги учат основите на прва помош, боречки вештини, воспоставување на јавен ред и мир, а секако се слушна и по некоја полициска сирена. За топлото добредојде младите гости им доделија на специјалците од ЕБР и Благодарница за унапредување на условите за квалитетно одвивање на воспитно-образовната работа на градинката.