ДЕЦАТА НА ШЕСНАЕСЕТКРАКОТО СОНЦЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Смрдеата на квазипатриотизмот, деновиве, остро нè гризе за очите и ноздрите, а сите живееме во неизвесност, живееме од денес за утре. Улиците се полни со дупки, насекаде висат естрадни постери и испокинати политички плакати, излозите се преполни со луксузна и скапа стока, кафеаните со снобови и позери, а политичките партии со полуписмени неспособни медиокритети и професионални криминалци. Сите гледаат сè, ама никој не може да согледа ништо. Сè е, навидум, нормално, ама, всушност, сè е ненормално, па за извоз имаме само – лудаци. Годините поминуваат, а неспособните и лошите никако не сакаат да станат од удобните фотељи во кое заседнале и од кои ни ја уништуваат иднината. Се навикнавме на порази, на грешки, на неодговорности, на неслобода, на автократија, на лаги и измами, на неправди, на корумпирани судии извлечени од нечие тефтерче, на кражби и задолжувања, на пропагадни глупости, на ефтини турски серии кои затупуваат, на лажен патриотизам и фалшив антимакедонски врховизам… Сите наши социјални, национални и ментални контрадикции, сите наши згрешени националистички тези и синтези, сите наши правни небулози кои го овозможуваат владеењето на мафијата, го преобразиле животот кај нас во очај и резигнација.

Како во најцрното средновековие, кога пред Светата Инквизиција како веродостојни сведоци застанувале ментално болни лица и ги праќале луѓето по мачилиштата и губилиштата, денеска ментално болни лица завиткани во одората на „независни“ политички аналитичари, ја претвораат сета државата во ментална болница. Овие шамани на портокаловата „преродба“ и интелектуални преторијанци на украдените пари во последните десет години, секојдневно нè тормозат со хистерични тези за скорешна македонска апокалипса само заради тоа што тие и нивните клептомански ментори нема да бидат власт, нè тормозат со нивниот полуписмен, дегутантен и моронскиот национализам, нè тормозат со екстремно илузорните политички и национални проекти. Тие упорно ментално нè тероризираат со велелепно идиотските тези, по кои „Америка стави чадор на македонската империја, на македонското царство на Александар Македонски и тоа се со цел да го земе целото богатство што не успеале окупаторите од Римската Империја, крстоносците од Крстоносните војни и Хитлерова Германија…“ Човек може само да остане фрапиран пред грандиозната умствената ретардираност и националистичката забеганост кај дел од портокаловите глупави деца на шеснаесеткракото сонце“.

За кучешката верност кон партиските првенци на нашиве пропагатори на глупоста, што катадневно преку медиумите, лажно ни ги претставуваат како „експерти“, не вреди ниту да се трошат зборови, оти ним дури и не им прилега реквизитот ланец, затоа што тој реквизит во нивниот случај е целосно излишен. Но, сепак, останува за нанапред задачата како да им се објасни на глупавите „деца на шеснаесеткракото сонце“ дека во време на глобализам, а во една мала земја и сред еден мал народ, целосно е декадентна и скандалозно антимакедонска опсесијата со нацијата. Останува задачата да им се предочат и да ги сфатат, умните и точни зборови на Теодор Адорно (во делото „Што значи соочување со минатото?“, 1951) дека национализмот е „параноиден систем на умноболни идеи“. (За ова една паралипомена: овие негови зборови, малку модифицирани, ги презел, кај нас често цитираниот, Данило Киш, па во „Час по анатомија“ од 1977 година запишал: „Национализмот е параноја. Колективна и поединечна параноја“.)

Времето, неодбегливо, ќе ја изврши својата функција како прочистител на глупостите кои се продаваат на овој наш општомакедонски панаѓур на медиумските лаги и забеган националшовинизам. И отрезнувањето на глупавите „деца на македонското шеснаесеткракото сонце“ неминовно ќе се случи. Многумината пропагатори на човекојадниот митос за националната чистота и борба против „остатокот од светот“, ќе сфатат дека ја имаат само плитката надеж оти е можно да се избрише – вистината, односно ќе сфатат дека залудно се истопориле на барикадата која треба да го сопре нашиот ôд кон модерноста втемелена врз универзалните хуманистички принципи и вредности. Секако, нашата десетогодишна нацио-дегенерација која произлегува од државно спонозрараната етнотеоза како средство за владеење, ќе има свои негативни реперкусии со определено нациопонижување и дополнително економско осиромашување, но ние мораме да изнајдеме одговори кои ќе содржат аргументиран израз на националните и меѓунационалните потреби, рационална прецизност во економските потези и политичка мудрост во управувањето со интерните конфликти.