Извештајот на Обединетите нации, Организацијата за храна и земјоделство (FAO), Светската програма за храна (WFP), Меѓународниот фонд за деца (УНИЦЕФ), Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународниот фонд за земјоделски развој (IFAD), покажува дека минатата година во светот се евидентирани 821 милион неухранети лица, што значи дека секое деветто лице е гладно, пренесува Anadolu Agency (AA).
Извештајот за минатата година покажува дека бројот на гладните во светот е зголемен.
Истовремено е забележана и зачестеност на анемија кај жените, како и пораст на бројот на дебелите возрасни лица.
Истакнато е дека секоја трета жена во репродуктивниот период се бори со анемија, која може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај мајките, но и кај децата. Бројот на жените кои се соочени со анемија во репродуктивниот период во Африка и Азија е трипати поголем во однос на Северна Америка.
Исто така, над 672 милиони возрасни лица се борат со дебелината. Иако проблемот со дебелината е најчест во Северна Америка, а порастот на овој проблем во Африка и Азија, каде што е најредок, кај експертите предизвикува загриженост.
Минатата година се евидентирани 151 милион деца помлади од пет години, кои, во однос на својата возраст, имаат проблеми со растот предизвикани со лошата исхрана. Тој број во 2012 изнесуваше 165 милиони.
Екстремната слабост продолжува да погодува повеќе од 50 милиони деца помлади од пет години. Овие деца се соочени со голем број болести во пораст и ризик од смрт. Случаите на екстремна слабост се најчести во Азија, а најретки во Латинска Америка и Карибите. Во Азија седум од десет деца се борат со слабост.
Кога се зборува за случаите на слабост кај децата по земји, ситуацијата е најтешка во Џибути, следуваат Еритреја, Индија, Нигер, Папуа Нова Гвинеја, Јужен Судан, Шри Ланка, Судан и Јемен.
Во извештајот составен за оваа година во чиј фокус се климатските промени, се наведува дека треба да се вложуваат напори не само за мирот, обезбедувањето безбедност на храната, подобрувањето на прехраната и спречувањето на смртта, туку и во отстранувањето на влијанието на климатските промени.
Во извештајот се наведува дека климатските промени и природни непогоди во последно време претставуваат една од основните причини за порастот на гладот и неухранетоста.
Ситуацијата е значително потешка во земјите во кои поголемиот дел од жителите се занимаваат со земјоделство.
Бангладеш е соочен со сезона на монсунски дождови, Централноафриканската Република со нов бран насилство, Хаити го очекува сезона на урагани, а Ирак поминува низ неплоден период кога станува збор за земјоделството. Мјанмар и Сахел (гранична зона во Африка меѓу Сахара на север и поплодните регии на Судан на југ), се соочени со криза поради недостиг на храна.
Последниот „Глобален индекс на глад“, кој го објави Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна (IFPRI) покажува дека во 52 од 119 опфатени земји, гладот е на сериозно, алармантно и крајно загрижувачко ниво.
Гладот во Централноафриканската Република и Демократска Република Конго е на крајно загрижувачко ниво. Сомалија, која е една од најсиромашните земји во светот, е соочена со недостиг поради сушата која трае подолго време, а на 6,2 милиони лица им треба итна помош во вид на храна, додека на 2,9 милиони лица им е потребна итна помош.
Гладот во Чад, Сиера Леон, Мадагаскар, Замбија, Судан и Либерија е на алармантно ниво, а на сериозно ниво во Авганистан, Пакистан, Индија, Мјанмар, Бангладеш, Филипините, Северна Кореја и Индонезија.
Податоците на Организацијата за храна и земјоделство покажуваат дека две третини од гладните во светот живеат во подрачја на судири, а децата сочинуваат 80 отсто на 490 милиони неухранети лица.
Одделниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство во кој е анализирана ситуацијата со храната и очекувањата од сеидбата, покажуваат дека на 39 земји им е потребна помош во храната однадвор, од тоа на 31 во Африка, на седум во Азија и на една во подрачјето на Карибите.
Ситуацијата со храна е полоша во Централноафриканската Република, Нигерија, Јужен Судан, Сирија и Јемен, односно во подрачјата во кои се споени екстремите предизвикани од климатските промени и судирите.
Меѓу земјите на кои им е потребна помош во храна однадвор се Авганистан, Буркина Фасо, Бурунди, Камерун, Централната Африканска Република, Чад, Конго, Северна Кореја, Демократска Република Конго, Џибути, Еритреја, Кралство еСватини (старо име Свазиленд), Етиопија, Гвинеја, Хаити, Ирак, Кенија, Лесото, Либерија, Либија, Мадагаскар, Малави, Мали, Мавританија, Мозамбик, Мјанмар, Нигер, Нигерија, Пакистан, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Уганда, Јемен и Зимбабве.