Џафери на Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе учествува на годишната Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, на која ќе учествуваат и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, како и претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство. Конференцијата, која е во организација на двата дома на Чешката Република, се одржува на 24-25 април 2023 година во Прага.

Предвидено е со Конференцијата да претседаваат претседателот на Сенатот, Милош Вистрчил и претседателката на Домот на пратеници на Чешката Република, Маркета Пекарова Адамова. Со овој настан ќе заврши парламентарната димензија на чешкото претседателство со Советот на Европската унија, која траеше од 1 јуни до 31 декември 2022 година.

Првата тема на која ќе дискутираат учесниците на Конференцијата ќе биде руската агресија врз Украина и одговорот на ЕУ во поширок геополитички контекст, додека втората тема ќе се фокусира на улогата на ЕУ во глобалната соработка меѓу демократските држави и прашањето за зависноста на земјите-членки на ЕУ од тоталитарните режими.

На крајот на Конференцијата ќе бидат усвоени Заклучоци на претседателството,  кои, имајќи ја предвид важноста на покренатите прашања, ќе содржат предлози и насоки за идни активности.