Џафери на Конференцијата на МОСТ на тема “Транспарентноста на Собранието – предизвици за новиот парламентарен состав“

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери со поздравен говор ја отвори Конференцијата организирана од Граѓанската асоцијација МОСТ, со која Собранието има заеднички проект насловен „“Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание” , кој што е започнат со примена во јули 2016 година.

 

 

Во рамките на истиот овој проект, пред претставници на невладините организации го делам истото мислење, дека тие се најзначајната алка на поврзување или пак останување во постојан контакт со граѓаните и нивните потреби кои произлегуваат од нивното секојдневие. Јас како претседател,  и Собранието како институција, ветив дека секогаш ќе бидеме отворени за секоја иницијатива, предлог или сугестија која ќе биде во функција на јакнењето на парламентарната демократија и парламентаризмот воопшто.

 

 

Денес, можам со полна уста да потврдам дека во изминатите три и пол години на функционирање на овој парламентарен состав, ние тоа го исполнивме, постигнавме многу на полето на независно, транспарентно, отворено и достапно Собрание. Дискурсот на почетокот на мандатот и актуелниот дискурс, се разликуваат и квалитативно и квантитативно. Водени од максимата дека токму законодавните домови – храмовите на демократијата се местата каде најверодостојно се слуша гласот на суверенот, преку легитимитетот доверен на пратениците на парламентарни избори, од самиот почеток, како прв меѓу еднаквите, се насочив кон воспоставување и одржување на продуктивна комуникација со сите претставници на народот, власт и опозиција, или кажано поинаку, подигнување на културата на дијалогот, затоа што, само така можеме да имаме вистински продуктивно и функционално Собрание од чија работа ќе имаат полза токму тие, граѓаните. И тоа беше валоризирано од Европската Комисија во последниот Извештај за напредокот на земјата, во делот за Собрание, каде што беше нотирано дека сме единствено функционално собрание во регионот, мислејќи се разбира на присуството и учеството на опозицијата во работата на законодавниот дом, секако, не само ради форма, туку, продуктивно придонесувајќи во правење на квалитативни реформи во најчувствителните сфери од општественото живеење. И, тука сакам да искажам благодарност до сите колеги пратеници кои активно се вклучуваа и даваа поддршка на стратешките цели што се зацртани од независноста на земјата, односно, полноправното членство во НАТО и ЕУ и нема подолго да се задржам на ова прашање бидејќи тоа не е темата на Конференцијата, туку, само ќе кажам дека благодарение на политичката зрелост и мудрост, денес можеме да кажеме дека НАТО е остварен сон, а членството во Унијата, по усвојувањето на новообјавената Методологија, и по јавно искажаната поддршка од Европскиот Парламент, односно усвоената Резолуција по несреќната октомвриска одлука и Заедничката декларација усвоена на Самитот на претседатели на парламенти на Западен Балкан во Брисел, може исто така набрзо да стане реалност, во март или, најдоцна во мај во Загреб.

Тоа што е тренд во растење, а кое што соодветствува и со нашата цел, е враќањето на пиедестал на уставната улога на независниот законодавен дом, т.е. на надзорната улога врз извршната власт, врз нејзината отчетност и одговорност пред законодавната власт. За таа цел, работевме многу во насока на подобрување на јавноста во работата на Собранието, секако со безрезервна помош на сите наши пријатели, видно е подобрен квалитетот на дебатата во матичните работни тела, каде што е и замислено да се одвива најопширно за секоја специфична област одделно, со суштинска дебата за законските решенија преку вклучување на сите засегнати страни во процесот, што придонесува кон подобрување на Индексот на продуктивност на Собранието во иднина. Собраниската веб страница секојдневно се дополнува со информации од секојдневните активности, со прикачени записници од истите, извештаи и активности на пратениците. А, со оглед на тоа што целта на проектот е вклучување на граѓаните во информирана дебата за улогата на Собранието, токму за подобрување на работата, вратите се постојано отворени за секоја иницијатива која е во таа насока и затоа нашата поддршка кон невладините организации, ќе продолжи и понатака да биде силна, директна и безрезервна, затоа што, како што реков и на почетокот, вие сте алката или начинот на останување во допир со реалното секојдневие на нашите почитувани граѓани.

 

Ние остануваме и понатака силно посветени на градење на вистински силен, независен, транспарентен и функционален храм на демократијата, а вие останувате наши најдобри партнери во овие наши заложби.