Ова е навистина многу убав и необичен ден за законодавниот дом. Денес сте дел од „Имам став“, што е прекрасна активност која во Собранието започна уште во 2019 година, а досега се вклучиле 2200 учесници и тоа особено ме радува. Тоа што денес, дебатата ќе се одвива на француски, македонски и албански јазик за мене е најдобрата потврда за почитувањето на мултлингвализмот и културната разновидност во Република Северна Македонија. Особено имајќи предвид дека тоа е во прилог на традиционалното присуство на францускиот јазик и неговото изучување преку билингвалните паралелки, за што сте најдобар доказ и вие, драги ученици. Верувам дека ќе биде вистинско уживање да ве слушаме заедно со другите присутни во сала како развивате меѓусебна дебата за теми кои и кај мене побудија особен интерес. Овој пат, да ги слушнеме од ваша гледна точка и ваш пристап кој што е ослободен од секакви влијанија. Денес, вие ќе бидете во прв план и ќе имате можност да бидете дел од „работата на парламентарците“ и да ја почувствувате моќта што ја има зборот и легитимитетот на пратеникот.
Сакам во оваа прилика да изразам благодарност до Бирото на Секцијата на Франкофонијата во Парламентарното собрание на Франкофонијата, до Министерството за надворешни работи, до Францускиот институт и секако француската амбасада со чиј што заеднички напор денес по прв пат ќе бидеме сведоци на Млад франкофонски парламент. Поаѓајќи од нивната посветеност, меѓутоа и од определбата на Република Северна Македонија како асоцијативна членка на Парламентарното собрание на Франкофонијата да го негува и промовира францускиот јазик и култура, мене не ми останува ништо друго освен да посакам оваа активност да прерасне во традиција. Ние сме навикнати да слушаме, почитуваме и учиме многу јазици а францускиот, како најстар јазик на дипломатијата, секако има свое заслужено место во нашето поле на интерес. Тоа што со овој настан се приклучуваме на мноштвото настани кои се одвиваат за одбележување на месецот на франкофонијата не е случајно. Тоа е наш придонес во афирмацијата на значењето на француски јазик во ширењето на идеите на слобода, братство и еднаквост меѓу луѓето, како и соработка меѓу народите.
Различните јазици и култури се дел од заедничкото светско богатство и наследство и сите ние имаме морална одговорност да ги негуваме и да ја развиваме соработката и врз основа на овие две полиња. Гледајќи го ентузијазмот во вашите очи, убеден сум дека и Вие сте ја сфатиле моќта на јазичната и културната соработка и комуникација и овој настан денес е ставање на уште едно камче на тој мост на поврзување на народи и култури и јас Ви честитам на тоа! Се разбира дека со оваа наша посветеност, ние како земја потврдуваме уште еднаш колку сакаме и колку сме подготвени да бидеме дел од големото европско семејство на народи и култури.
Со нетрпение очекувам да ја следам Вашата дебата по трите предложени теми за овој денешен настан. Верувам дека ќе понудите мудри решенија за подигнување на медиумската писменост и за препознавање на лажните вести на социјалните мрежи кои со нивното ширење прават неповратни штети. Вие сте најранливата група и исклучително е важно да сте свесни за моќта на интернетот, за неговите позитивни но и негативни страни при прекумерното и неодговорно користење на истиот. Што е уште поважно, да научите како социјалните медиуми стануваат алатка за менување на вашите навики, интереси, градењето на здрав или искривен светоглед (поглед кон светот). Ќе бидам среќен доколку ние како законодавци придонесеме кон поставувањето на солидната конструкција на тој мост на поврзување меѓу народите. Тоа ќе претставува чест и признание и за нас како држава на меѓународната сцена и соодветно позиционирање на Република Северна Македонија на истата, Дозволете да ви посакам убава дебата, изјави Талат Џафери.