Џафери: Обврска на партиите е да најдат консензус за нов датум за локалните избори

Сподели

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинари истакна дека политичките партии мораат да најдат заедничко решение и да се договорат за нов датум за одржување на локалните избори, пред тој да свика седница на која ќе се измени Изборниот законик.

Иако претходно Џафери рече дека на првата наредна седница ќе се формира владата, тој сега додаде дека треба паралелно да се работи на наоѓање решение за локалните избори. Според Џафери, доколку има политички консензус, целата процедура може да се заврши за еден ден.

– Јас, како претседател на Собранието, не можам самоиницијативно да ги распишам локалните избори. Комуницирав со лидерите на партиите, со Зоран Заев, Али Ахмети и со претставник на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не успеав директно со лидерот Никола Груевски, и ги запознав со процедурите. Сега, обврска на политичките партии е да најдат консензус и откако ќе се договараат, да го известат Собранието за да може да почнат процедурите. Датумот за избори треба да го договорат партиите и да внимаваат на рокот зашто од распишувањето на изборите до нивното одржување треба да поминат 70 дена. Прашањето се решава со сеопфатен договор, но тоа не значи дека ако една партија не се согласи, треба да се блокира целиот процес. Изборниот законик не може да се измени ако не се усогласи датумот. Партиите нека не се впуштат во условување на една власт кон друга затоа што ако тоа се случи, ќе има целосна блокада на локалната самоуправа – рече Џафери.

Според новоизбраниот претседател на Собранието, треба да се формира анкетна комисија за расчистување на настаните на 27 април, но, како што истакна, тоа не е негова надлежност туку на пратеничките групи.

– Јас сметам дека тоа би требало да се направи затоа што покрај материјалната штета што е направена на Собранието, направена е и политичка штета. Неминовно е дека треба да се почне процедура за политичка одговорност на вмешаните пратеници за да се спречи во иднина некој друг да се скрие во костумот на пратеник и да направи слично дело – нагласи Џафери.

За седницата на која треба да се гласа новата влада, Џафери рече дека роковите течат откако ќе се добие мандатот. Претседатело на Собранието појасни и дека 15 дена по добивањето на мандатот, тој треба да свика седница, која, пак, треба да заврши во рок од 48 часа.

– На 19 мај истекува рокот на Иванов и не можам ништо да преземам додека не истече тој рок. Јас не го молам Иванов туку чекам да поминат законските рокови. Но, формално-правно, нема пречка да се избере влада без да се додели мандатот – вели Џафери.

Новоизбраниот претседал на Собранието додаде дека в понеделник ќе свика координација на претставниците на политичките партии во Собранието и дека потоа ќе се одлучи кога ќе се продолжи конститутивната седница и по кој тек таа ќе се одвива.

Ова беше прва официјална средба на претседателот на Собранието со новинарите, а присуствуваа голем број претставници на медиумите. Претходно, во Собранието, Џафери се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава.

meta.mk