Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка до сите граѓани, припадници на православната вероисповед, по повод големиот празник, Богојавление – Водици.
“Задоволство ми е од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, да упатам честитки по повод големиот празник, Богојавление – Водици и да Ви посакам празникот да го дочекате пред сѐ во добро здравје, во мир, спокој, семејна благосостојба и напредок.
Исправени секојдневно пред предизвици од најразлична природа, како што се економски, здравствени, политички и секако безбедносни предизвици, должност ми е да ја искористам секоја прилика и секој начин за упатување на порака за сплотување на мислите, желбите и изразите на взаемна почит и разбирање на сите наши граѓани, без оглед на етничката, верската, партиската или поделеност по секаква друга основа. Единствената и најважна цел за сите нас секогаш ќе биде просперитетна и безбедна иднина, за мир во земјава, за еднакво, правично, напредно и пред сѐ, хумано општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ќе се грижи подеднакво за личниот и колективен напредок на земјата. Одговорно и совесно, со надминување на рамките кои ни го стеснуваат видокругот, да ги отфрлиме предрасудите, стереотипите и да ги отвориме умот и срцето за да најдеме повод за обединување а не за создавање јазови и раздор. Лесно е да се руши, храброст е да се сочува и надгради создаденото за да трае вечно. Нека водата која е симбол на Богојавление ги однесе сите препреки и тешкотии и нека помогне да со бистар ум и јасна цел донесеме државнички одлуки кои значат живот за Република Северна Македонија.
Почитувани граѓани, нека е за многу години празникот!”