Џафери се обрати на Самитот на Меѓународната Кримска платформа

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес имаше свое обраќање на вториот парламентарен Самит на Меѓународната Кримска платформа, каде од негово лично име и во име на Собранието на РС Македонија даде поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, воспоставување на мирот и просперитетот во регионот и одбрана на човековите права и слободи.

 

 

“Од самиот почеток сум цврсто убеден дека стоиме на вистинската страна на историјата и дека нашата поддршка ќе биде многу значајна во ослободувањето на Крим и зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

По одржувањето на Првиот парламентарен самит на Кримската платформа минатата година во Загреб, согласно Заедничката декларација од Самитот, во Собранието на РС Македонија формиравме Интер-партиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа. Во групата членуваат координаторите на пратеничките групи во Собранието и истата е отворена за членство на сите пратеници, а тројца од нив се присутни и тука на овој Самит.

Со оглед на текот, оваа војна може да трае подолго и жртвите кои се резултат на ваквите големи конфликти се неминовни. Сакам да ја нагласам потребата од доследно расветлување на грубите злоупотреби на човековите права, кршењето на меѓународното хуманитарно право и негирањето на граѓанските и политичките права од страна на Руската Федерација во Украина. Покрај недвосмислената осуда на неоправданата воена агресија против Украина, неопходно е ние, претседателите на демократски избраните парламенти, да го истакнеме и мулти-димензионалното влијание на оваа војна и хуманитарните последици од неа. Зборувам за милионите внатрешно раселени луѓе и воени бегалци, селективното гонење и тортура, сексуалното насилство, ризиците од трговија со луѓе, киднапирањето на кримските Татари и етничките Украинци и присилниот трансфер на украински деца од страна на Руската Федерација.

Претседавањето на РС Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), годинава на централно место ги става луѓето, а состојбата во Украина е секако еден од главните приоритети. Во тоа својство, го осудивме одржувањето на нелегалните, таканаречени „избори“ од страна на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, вклучително и Автономната Република Крим и градот Севастопол. Воедно, нагласивме дека какви било избори во рамките на меѓународно признаените граници на Украина може да се одржат единствено во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди.

Сакам да го изразам моето задоволство што Меѓународната Кримска платформа прерасна во тело кое ги обединува нашите заеднички напори за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, за воспоставување на мирот и просперитетот во регионот и одбрана на човековите права и слободи. Со тоа, ние ја браниме и Европа и целиот слободољубив свет, затоа што ова се вредности кои ги почитува и вреднува сиот демократски свет. “Како земја-кандидат за членство во Европската унија, РС Македонија верува дека институциите на Европската унија ќе ја одржат перспективата на проширувањето на Унијата со сите останати земји-кандидати како кредибилен и визибилен процес базиран на заслуги, имајќи ги во предвид и актуелните геополитички безбедносни предизвици.“

Дозволете ми во име на нашата земја, во име на Собранието на РС Македонија и во мое лично име, да ја потврдам поддршката за украинскиот народ и држава со сите наши можности, сè до целосната слобода на Украина.”