ЏЕЗТЕТИКА – промоција на книга фотографии од Татјана Ранташа

Сподели

 

Промоција на книга фотографии од Татјана Ранташа
 
На 5 март, сабота, со почеток во 13:00 часот, на платото пред МКЦ, ќе се одржи матине-промоцијата на првата книга фотографии на Татјана Ранташа, облагородена со текстуалните варијации на Александар Прокопиев, наречена – Џезтетика.
Книгата се состои од портрети на 50-тина македонски џез-музичари, претставени преку објективот на Татјана Ранташа, професионален фотограф што ги бележи сите позначајни музички настани во нашиот град.
 
Оваа збирка фотографии е производ на долгогодишно ‘висење’ на авторката по концерти, клубови, проби и дружење со музичарите, еден цел живот испреплетен и оплеменет од нашата музика.
 
Фотографиите се медиум што на гледачите им ја пренесува магијата на музиката, но во исто време се и документ за едно време, луѓе и настани од нашето блиско минато, а самата книга е своевиден печат и спомен на она што сме го поминувале и доживувале на нашата музичка сцена сите овие години.
 
За сето тоа да помине во уште поубава и разиграна атмосфера ќе се погрижат ЗЏМ-Колективот и Ален Хаџи-Стефанов преку радиото Jazz FM.