ДИК: Изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите

Сподели

dik

Државната изборна комисија денеска соопшти дека се преземени сите потребни законски мерки за почитување на сите рокови за спроведување на изборните дејства, како и техничко-организациски мерки за спречување на евентуалните неправилности во процесот.

– Гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење, заедно со другиот доверлив изборен материјал, кој до општинските изборни комисии ќе се достави во согласност со рокот предвиден во Изборниот законик – соопшти Љупка Гугучевска од ДИК.

Од Комисијата истакнаа дека првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите.

– Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а истите ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби – рече Гугучевска.

Од ДИК соопштија дека утре е последниот рок до кога сите организации, домашни и странски, кои се заинтересирани и сакаат да го набљудуваат изборниот процес, треба да поднесат барање за овластување.

Комисијата ги повика изборните органи, државната и јавната администрација да се воздржуваат од каква било партиска активност сè до завршување на изборниот процес и истовремено ги охрабрува да не се плашат од евентуалните притисоци кои можат да доаѓаат од нивните претпоставени и истите да ги пријават.

– Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот – рече Гугучевска и додаде дека од почетокот на изборната кампања има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните (0800 555 44), на која граѓаните можат да ги пријават евентуалните нерегуларности.

meta.mk