ДИК напладне ќе продолжи со работа, досега одбиени четири приговори на СДСМ

Сподели

Државната изборна комисија во 3.30 часот утринава ја прекина јавната расправа за приговорите поднесени од политичките партии за изборите одржани на 11 декември. Комисијата денеска напладне ќе продолжи со работа.

ДИК досега одби седум од приговорите на Беса, а графологот кој треба да вештачи потпис на избирачко место по осмиот приговор на Беса стигна во ДИК непосредно пред одлагањето. Сè уште не е пронајден записник по образец 15 за едно избирачко место во општина Теарце во ИЕ6. Комисијата вчера расправаше за четири од предлозите на СДСМ, кои ги одби, а денеска се очекува да продолжи со работата.

Синоќа, некаде околу 22 часот, неколку стотини граѓани, приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, се собраа пред седиштето на ДИК и протестираа против приговорите на СДСМ и на Беса. Тие, како што изјавија, сметаат дека некој се обидува да ја украде нивната изборна победа.

Меѓу демонстрантите беа и кандидатите за пратеници Илија Димовски, Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев, Борис Змејковски, Амди Бајрам, Даниела Рангелова.

– Не сакаме ниту еден глас повеќе од она што сме го добиле ниту, пак, ќе дозволиме да ни биде одземен барем еден глас – рече Милошоски и порача дека треба да се почитува волјата на граѓаните.

Протестот заврши мирно, без инциденти, откако ДИК ја прекина седницата.

meta.mk