ДИК со упатства за гласање на слепи и лица со оштетен вид

Сподели

ДИК на јавна седница донесе неколку упатства за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид преку шаблон со брајова азбука, а одобри и 32 акредитации за набљудување на изборите.

150 граѓани, во 25 општини на годинашните локални избори нема да гласаат на своите избирачки места.

Правото ќе може да го искористат на најблиското место во општината на одалеченост од три до пет километри. ДИК утврди упатство до општинските изборни комисии да не организираат гласање на 73 избирачки места зашто на нив има помалку од десет регистрирани граѓани со право на глас. Најмногу вакви места 13 има во Прилеп, осум се во Македонски Брод.

Слепите и лицата со оштетен вид за првпат ќе го користат шаблонот со брајовата азбука без дополнителна асистенција. Со ова во целост ќе се испочитува начелото за тајност на гласањето, а во фаза на изработка се и посебни паравани.

За локалните избори за 80 општини и градот Скопје ќе има 162 листи, по една за градоначалници и втората за советници.

ДИК одобри и нови 32 акредитации за набљудување на изборите, девет за Амбасадата на Руската Федерација, шест за Албанската амбасада и 17 за невладината ЦРИС.

Барањата за мониторинг до ДИК може да се поднесуваат до 4 октомври.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски потсети и на обврската на набљудувачите.

– Секој овластен акредитиран набљудувач мора да го почитува кодексот за правилата за набљудување на изборите изборната постапка донесен од ДИК, рече Чичаковски.
Прифатени се и 13 барања за изземање на членови и нивни заменици во општинските изборни комисии. Од нив четири се заради кандидирање за градоначалник и две за советници, а меѓу сите нив и едно поради стресност на обврската.

ДИК ги разгледа и барањата на денот на изборите да се овозможи одржување референдуми во 15 општини, 14 за мигранти, а во Дебарца за изградба на депонија.