Активностите на министерот за надворешни работи Никола Димитров продолжија во Луксембург со учество на состанокот на Министрите од земји-членки на ЕУ кои се дел од групата PES (Партија на европските социјалисти), којшто се одржа непосредно пред почетокот на Советот за општи работи на ЕУ, а со кој претседаваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Во таа прилика министерот Димитров образложи уште еднаш зошто Северна Македонија ја заслужи одлуката за почеток на преговори со ЕУ, нагласувајќи ја важноста на моментот и висината на влоговите, како за земјата, така и за регионалниот контекст, но и за самата Унија.
„Во моментов станува збор за одлука за Северна Македонија, земја која 14 години чека почеток на преговори со ЕУ, притоа решавајќи го „невозможното” на надворешен план и правејќи целосен демократски пресврт на домашен план. Но, станува збор и за политиката на проширување на ЕУ и за европската перспектива за самиот Балкан. Во суштина, станува збор за тоа дали ЕУ ќе го остави светилникот вклучен” – изјави министерот Димитров.
Министрите присутни на состанокот ја повторија својата поддршка и изразија надеж дека ќе се постигне консензус за позитивна одлука. Сепак, ситуацијата околу одлуката на денешниот министерски Совет за општи работи е неизвесна, при што не се исклучува прашањето да се префрли на Европскиот совет на шефови на држави и влади.