Димитров: Договорот со Бугарија е усогласен, сакаме подобра соработка и со Грција

Сподели

Македонија и Бугaрија го усогласија текстот на договорот за добрососедство чија цел е решавање на долгогодишните спорови и тензии, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Ројтерс.

-“Постигнавме компромис за текстот. Потпишувањето на договорот за добрососедство ќе ја зголеми довербата меѓу нас, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да создаваме пријателства во регионот”, вели Димитров.

Ројтерс потсетува дека досегашните сложени односи меѓу Македонија и Бугарија ги отежнуваат напорите на Скопје да се приклучи кон НАТО и ЕУ, иако најголемата пречка за тоа е спорот за името со соседна Грција. Притоа се посочува дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија се очекува да биде потпишан на 2 август.

Шефот на македонската дипломатија во интервјуто истакнува дека Македонија сака подобра соработка и со Грција, а во тој контекст била и неговата неодамнешна посета на Атина. Нагласува дека на средбите во Атина предложил Грција да дозволи Македонија да се приклучи кон НАТО под привремената референца, а да продолжат преговорите за изнаоѓање трајно решение за прашањето за името.

-“Мојата порака во Атина беше дека во Македонија има нов почеток и затоа ве молам да размислите каков сосед сакате да имате. Ако сакате да имате европска демократија раководена од владеење на правото, сега е моментот да ни помогнете и можеби да ни допуштите да влеземе во НАТО под привремената референца. Тоа би значело инвестирање во подобра клима каде би било можно решавање и на најголемите проблеми”, вели Димитров.

Тој не очекува поместување на позициите на Грција преку ноќ, туку тоа да биде постепен процес.
Прашан дали Македонија некогаш би била отворена за промена на името, Димитров изјави дека тоа е многу сложено прашање кое вклучува емоции и идентитет.

-“За решавање на тоа прашање потребно е да имаме процес кој ќе создаде национална позиција. Дефинитивно за тоа прашаање ќе има референдум”, истакнува министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервјуто за Ројтерс.