Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, денеска во Виена ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.
„Средбата е дел од напорите на ОН за посредување меѓу двете земји за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името“, соопшти прес-службата на ОН.
Медијаторот Нимиц на Димитров и Коѕиас ќе им престави правна форма, документ со празни места за спорните прашања, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Агенцијата пишува дека според досегашните информации, Нимиц ќе биде тој што прв ќе се обрати и ќе го претстави правниот документ, врз база на кој ќе се достави можниот иден договор на двете страни во ОН, со празни места за спорните прашања, како што е името. Потоа ќе следи претставување на ставовите на двајцата министри за надворешни работи и преговори за позициите, пишува грчката новинска агенција и додава дека преговорите во Виена се очекува да траат долго, ако се суди според минатиот состанок што траеше седум часа.
Средбата закажана за 09:30 часот, според информациите на АНА-МПА, ќе се одржи во Министерството за надворешни работи на Австрија, а не во седиштето на ОН, бидејќи канцелариите се затворени поради католичкиот Велигден.
Во однос на вчерашната работна вечера на двајцата министри за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕиас, грчката новинска агенција објави дека траела три часа и поминала во добра клима.
Грчките медиуми се воздржани во коментарите. Според „Катимерини“, средбата во Виена е „клучна“, а „Иефимерида“ смета дека “нема големи очекувања“ од оваа рунда преговори.