Димитров – Мас: Цврста поддршка на Германија кон процесот на проширување

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хајко Мас, во рамки на денешната негова официјална посета на Република Северна Македонија.

 

 

Акцент за време на разговорот беше ставен на очекувањата и перспективите на Северна Македонија, после исходот од Европскиот Совет во октомври оваа година, како и на можностите за постигнување на консензус за одлука за почеток на пристапните преговори согласно претходните заклучоци на Советот. Министерот Димитров брифираше и за развојот на последните внатрешно политички случувања по 18 октомври, за предвремените парламентарни избори во април 2020 година, вклучително и за развојот на настаните во контекст на добрососедските односи и регионалната динамика, како и за натамошните чекори од ЕУ реформската агенда. Изрази благодарност за силната континуирана поддршка на Германија во изминатиот период.

„Неколку дена по 30 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, неизбежно е споменувањето на симболите за подавање рака, за рушење на бариери и физички и замислени, за обединување на Европа врз основа на фундаментални слободи и демократски начела и принципи. Триесет години подоцна, апсолутно неопходно и корисно за сите, е да вложиме максимални заеднички напори за остварување на ветувањето кон Западен Балкан за негово неповратно демократско трансформирање и мериторно интегрирање на земјите во рамки на ЕУ семејството“ – изјави министерот Димитров.

 

 

Министерот Хајко Мас ја потврди цврстата поддршка на Германија кон процесот на проширување и кон евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и заложбите за натамошно градење консензус за добивање на одлука за почеток на преговорите.

 

https://youtu.be/JPu-a0wh4HE