Димитров: Политичка волја, реформската ориентираност и поддршката од нашите европски пријатели, се клучни за запечатување на европската иднина на Македонија

Сподели

Во организација на министрите за надворешни работи на Бугарија и Шведска, денес министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи учествуваа на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во неформалниот формат – Пријатели на Македонија.

Дискусиите на работниот појадок беа фокусирани на перспективите на Република Македонија во контекст на отпочнувањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, како и заложбите на Владата за постигнување на суштински напредок во имплементацијата на реформите и унапредувањето на добрососедските односи.

Димитров и Османи изразија благодарност на домаќините (МНР на Бугарија и Шведска) за организирање на состанокот, со кој се овозможува директно информирање на земјите-членки за внатрешниот развој на настани во Македонија, пет месеци по формирањето на Владата.

-“Успеавме да се вратиме на нашата европска патека, а ЕУ успеа  да го возобнови политичкото внимание на Балканот. ЕУ има одговорност да ја потврди нашата европска иднина, а ние сме одговорни за судбината на тој пат”, порача министерот за надворешни работи Никола Димитров.

” Постоењето на магичната фраза – политичка волја, реформската ориентираност и поддршката од нашите европски пријатели, се клучни за запечатување на европската иднина на Македонија.”

“– Ние имаме втора шанса да успееме, а нашите пријатели од Брисел имаат шанса да ги убедат скептиците во успешноста на пристапниот процес”, рече Димитров.

На работниот појадок присуствуваа комесарот Хан и сите земји членки, од кои 13 на ниво на министри за надворешни работи.
Во рамки на посетата на Брисел, денес министерот Димитров ќе оствари и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Велика Британија, Португалија и Грција.