Пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска реагираше на изјавата на Јоханес Хан, од саботата, со забелешка до еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика дека „пред само десет дена во Скопје јавно кажал дека нема да се меша, а сега објавува на „Твитер“ дека претседателот Иванов треба да го даде мандатот на овој или оној…“
„Дали тоа не е мешање?“, прашува Димовски во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил, во која го повикува Хан да каже што мисли за предлогот наместо 67, идната влада да има поддршка од 100 пратеници.
– Кога веќе решивте на претседателот на Република Македонија, избран од граѓаните, да му кажувате што да прави околу мандатот, добро е и да кажете што мислите за предлогот наместо 67, идната Влада да има поддршка од 100 пратеници, но без редефинирање на државата, без двојазичност на целата територија, без бинационалност, а со зачувување на унитарноста, името и на македонскиот идентитет? Велевте дека треба поширока поддршка на владата, еве ја. Ако еднаш го прекршивте ветувањето дека нема да се мешате, повелете и вторпат, одговорете – стои во реакцијата на Димовски на „Фејсбук“.
Вчера, со слична изјава како таа на Хан излезе и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој истакна дека откако се собрани потписите, очекува „властите во Скопје да го исполнат следниот чекор во демократскиот процес“.
Тој ги повикува сите страни на воздржаност во изјавите и во дејствата и да донесуваат одлуки во корист на граѓаните.