Димовски: Јанева, за вашите барања најдете си друг парламент

Сподели

id

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да го признае легитимитетот на Собранието, иако таа неколку пати кажа дека од прислушуваните материјали произлегува дека има основи за сомневања за изборен криминал и дека сите избори од 2011 па наваму се под знак прашалник.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на крајот на денешната расправа по извештајот на СЈО и порача на специјалната обвинителка да си најде друг парламент за нејзините барања (н.з. се мисли на барањата за измените на законите кои Јанева ги побара од Собранието).

– Додека не ја признаете легитимноста на овој парламент, ова Собрание нема да расправа за вашите барања. Госпоѓо Јанева, не можете да влезете во Парламент и да кажете дека тој е нелегитимен, а потоа да барате истиот тој парламент да ви донесе закони – рече Димовски.

На ова, Јанева рече дека пратениците и ги извртуваат зборовите и повтори дека од прислушуваните разговори има индиции за изборен криминал.

Димовски, на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и порача на Јанева како да ги набави останатите прислушувани материјали.

– Се сеќавам дека имаше еден случај во кој истражители на Специјалното јавно обвинителство во сред ноќ влегоа во Централниот регистар на Македонија и собираа документи по налог на судот. На овој ист начин можете да ги прибавите и материјалите од прислушувањето. Не го гледајте обвинителот Марко Зврлевски, не покажувајте кон него, затоа што тој со тие материјали завршил – и рече Димовски на Јанева.

Расправата за извештајот за работата на СЈО ќе продолжи утре во 11 часот. На седницата ќе се расправа и за извештајот за работата на Основното јавно обвинителство.

meta.mk