Директни инвестиции во земјава и пласман за нашите земјоделски производи на саудискиот пазар

Сподели

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на првата официјална посета на Кралството Саудиска Арабија, оствари средба со министерот за надворешни работи, Неговото Височество Принц Фаисал бин Фархан Ал Сауд, што воедно претставува и прва средба на министри за надворешни работи од воспоставувањето дипломатски односи.

На средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и начините за нивно понатамошно унапредување, при што беше изразено задоволство од соработката во рамки на мултилатералните организации. Соговорниците разменија мислења за модалитетите за развој на економските и бизнис релациите, согласувајќи се дека постои голем потенцијал за интензивирање на соработката на полето на прехрамбената индустрија, туризмот и енергетиката. 
 
 
 
 
 
“Денешната посета претставува потврда на заемната посветеност на развојот на билатералните односи, со посебен акцент на економските врски и трговската размена. Пред нас се отвараат големи можности за понатамошно интензивирање на размената на прехрамбени продукти и земјоделски производи, особено имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храната во овој регион и нашиот потенцијал за кој ни се потребни нови пазари.” – истакна Османи
 
Воедно, Османи ги нагласи интензивните активности во доменот на економската дипломатија и посветеноста на креирањето поволни услови за странските инвеститори, подвлекувајќи дека саудиските инвеститори во Владата на Северна Македонија ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивните потенцијални идни проекти.
 
Соговорниците разговараа и за можностите на унапредување на договорната рамка, парламентарната соработка како и соработката на полето на културата и образованието.
 
Османи го брифираше Ал Сауд за неодамнешното членство на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, претстојното претседавање со ОБСЕ и европското досие на земјата, а стана збор и за теми од регионален и меѓународен интерес.