Државниот инспекторат за животна средина-Скопје на ден 12.01.2023 година, врз основа на член 33 од од Законот за инспекциски надзор во животната средина (“Службен Весник на Република Северна Македонија” бр.99/22), член 200 став (1) и (2) од Законот за животната средина (“Службен Весник на Република Македонија” бр. 53/2005; 81/2005; 24/2007; 159/2008; 83/2009; 48/2010; 124/2010; 51/2011; 123/2012; 93/2013; 187/2013; 42/2014; 44/2015; 129/2015; 192/2015; 39/2016 и 99/2018 и “Службен Весник на Република Северна Македонија“ бр. 89/2022 и 171/2022) и член 90 од Законот за инспекциски надзор (“Службен Весник на Република Северна Македонија” бр.102/19), по извршениот контролен инспекциски надзор во деловното седиште на правниот субјект Цементарница Усје АД Скопје со седиште на Бул. Борис Трајковски бр.94 во Кисела Вода-Скопје, во врска со извршените мерења на емисија на гасови и прашина од оџаците на печките за клинкер, емисија на гасови од оџакот на котларата за парно греење и амбиентниот воздух во кругот на цементарницата на 03. и 04. 01. 2023г. од страна на акредитирана лабораторија за животна средина, а заради отстранување на недостатоците утврдени во записникот за констатација ИП1 бр.15-1/3 од 11.01.2023г. донесе:
Р Е Ш Е Н И Е со кое:
Се наредува на правниот субјект Цементарница Усје АД Скопје, со деловно седиште на Бул. Борис Трајковски бр.94, во Кисела Вода-Скопје, следното:
– Во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 MW во котларата за загревање на фабриката да користи природен гас како гориво, согласно добиената А-Интегрирана еколошка дозвола и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитрана метода.
РОК за реализирање на задолжението: 5 денови од приемот на решението
– Да изврши мерење на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел кој ќе биде во функција.
РОК за реализирање на задолжението: 10 денови откако ќе биде користен природен гас како гориво.
Да се направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина во присуство на Државен инспектор за животна средина.
РОК за реализирање на задолжението: 15 денови од приемот на решението.
Трошоците од анализата направена на 03 и 04.01.2023 година ги сноси субјектот на инспекциски надзор, бидејќи е утврдено дека примероците не одговараат на пропишаните стандарди согласно А-ИСКЗ дозволата.
РОК за реализирање на задолжението: 10 денови од приемот на решението.
Доколку Државниот инспектор за животна средина согласно член 200 став (4) од Законот за животната средина утврди дека не се постапува согласно Решението и не се отстранат причините настанати со донесувањето на решението, Државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд, како и ќе отпочне постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања.
ДИЖС редовно ќе ја известува јавноста за инспекциската постапка.