ДКСК оформи 45 предмети поврзани со изборите

Сподели

Од денот на распишување на претседателските, односно парламентарните избори, до денес, оформени се вкупно 45 предмети од областа на спречување на корупција, информира претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска.

Таа во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека примиле околу 400 барања од државни институциии во однос на мислење за постапување во делот на што смеат, односно што не смеат да прават додека трае изборниот процес, односно изборната кампања.

– Од оваа бројка, 45 предмети што се однесуваат на постоење на сомневање за сторени прекрашувања во изборниот процес, оформени се 41 предмет, односно пријава, кои се однесуваат на постапки од работен однос, сомневање за постоење на вработување, покренување на дисциплински постапки, прекин на работен однос. 21 предмет има оформено ДКСК по овој основ. Четири предмети се однесуваат за постоење сомневање за извршени вонредни исплати од страна на државните институции. За одржување на јавни настапи, два предмети, вели Димитровска.

Во однос на изградба, односно реконструкција на објекти, оформен е еден предмет и еден предмет во однос на сомневање за злоупотреба на користење на службено возило. Посочи дека останатите 12 предмети се однесуваат на активности за предвремено започната изборна кампања, дополнително ангажирање на вработени лица од државни институции за потребите на изборната кампања.

– ДКСК по сопствена иницијатива оформи два предмети. Едниот предмет се однесува на набавката на хеликоптери за потребите на Министерство за одбрана. Едниот предмет беше оформен за набавка на медицинските возила. Исто така, имавме постапување по еден приговор, поднесен од организатор во изборната кампања, во однос на продолжување на постапка за вработување, рече Димитровска.

Во однос на процедурата што се однесуваше за јавниот оглас за вработување на 130 нови јавни обвинители и судии од страна на Академијата за суди и јавни обвинители, Димитровска вели дека  донесените одлуки од Вишиот управен суд и Управниот суд со кои се отфрлија тужбите од Академијата за судии и јавни обвинители, ги охрабруваат и во иднина посветено да ја вршат нивната работа.

– Со ова не завршува постапката пред Државната комисија за спречување на корупција, согласно нашите законски надлежности и обврски, во рок од 15 дена од правосилноста на оваа одлука, имаме обврска да покренеме иницијатива за покренување одговорност кај надлежните институции. Тече рокот за спроведување на оваа активност и во законски утврдениот рок ќе ја испочитуваме, потенцира Димитровска.

Првиот човек на ДКСК во интервјуто вели дека само половина од институциите ја исполниле законската обврска да ги презентираат службените возила на оваа институција. За останатиот дел, Антикорупциска ги известила институциите кои избираат и именуваат функционери бидејќи законот не предвидува санкции.

-Во соработка со Министерство за внатрешни работи обезбедивме податоци за 1.557 државни институции. Институции кои имале потреба, односно обврска да достават податоци за возилата што ги користат. До законскиот тврдениот рок, кој беше 24. февруари 2024 година, доставија 402 институции, што подразбира околу 20-25 отсто потребни институции кои имале законска обврска да го достават овој податок. После законскиот утврдениот рок, имаат доставено 88 институции. Во законот е уредено дека за оние институции кои немаат да достават податоци за службените возила, Државната комисија има надлежност да поведе прекршочна постапка, меѓутоа, законот и во овој дел има една правна празнина, не утврдува прекршок, не утврдува висина на санкција, што подразбира дека е оневозможено да ја спроведеме оваа наша законска надлежност, појаснува Димитровска.