„Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ со намален тираж поради недостиг на хартија, МПМ негира

Сподели

vesnici

Дневните весници кои ги издава Медиа принт Македонија (МПМ), „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ вчера и во денешните викенд изданија излегоа во многу намален тираж и без редвните прилози, наводно, поради недостиг на печатарска хартија.

Оваа состојба, која се гледа и на проджните места, каде и вчера и денес тешко се наоѓаат примероци од трите весници, била констатирана и на вчерашниот состанок на синдикалните претставници од овие медиуми со Синдикатот на новинари и медиумски работниции (ССНМ), на кој разговарале за состојбата со доцнењето на плати изминатиов период во оваа компанија.

Дека нешто се случува со тиражот на весниците зборува и податокот што и продавачите низ продажните места тврдат дека им бил донесен помал број на весници од вообичаеното – кај некои дури и 80 отсто помалку.

Ова се случува во предизборниот период, на само две недели од почетокот на изборната кампања и 36 дена од предвремените избори.

Јана Станисављева, извршен директор на компанијата тврди дека оваа информација не е вистинита.

– Не е вистина, тиражот е стандарден – ни рече Станисављева.

Одговор, но в понеделник, ни вети Александар Динев, управител во МПМ затоа што, како што рече, „не сум во можност викендов да ви одговорам“.

Кон крајот на јули годинава, МПМ им подели откази на 19 вработени, најголем дел новинари. Овој потег, кој беше осуден од Здружението на новинари (ЗНМ), од компанијата беше оправдан како „економска мерка“. Овие вработени до ден денеска ги немаат добиено ветените отпремнини кои им следуваат, а некои за тоа имаат поднесено и тужби  по напуштањето на работното место.

Сопственик на трите весници е компанијата Медиа принт Македонија ДООЕЛ Скопје, која е формирана со  паричен влог од скоро два милиони евра, а е фирма ќерка на Графички центар ДОО Скопје. Удел во оваа компанија, пак, имаа три компании:

  • „Орка холдинг АД Скопје на Орце Камчев
  • „Мирекс плус ДООЕЛ Скопје“ на Срѓан Керим
  • „Интернет инвестмент груп  – Нови Сад, Србија“ на Веселин Јевросимовиќ.

Сепак на почетокот на август, годинава, „Бирн“ објави дека Јевросимовиќ кој инаку е еден од сопствениците и на порталот „Телеграф“, кој исто така е дел од МПМ, како и на телевизија „Алфа“, излегува од медиумскиот бизнис во Македонија, односно од овие два медиума. Имено, според пишувањата преку фирмата „ЦХС Инвест груп“ во сопствеништвото на ТВ „Алфа“ влегува Иво Јанкоски од продуцентската куќа „Трето уво“, а преку „Интернет инвестмент груп“ во сопствеништвото на „Телеграф“ влегува Јана Станисављева. Според „Бирн“, Станисављева, станала сопственик на „Интернет груп инвестмент“. Фирма преку која до неодамна со една третина во сопствеништвото беше присутен капиталот на Веселин Јевросимовиќ во „Графички центар“.

meta.mk