Кинотеката, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Управниот одбор на Кинотеката на Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика – за добитници на наградата „Златен објектив“ за 2023 година.
Признанијата и пригодните стилизирани значки ќе им бидат доделени денес во 12 часот во Кинотеката.
ТОНКИЦА МИТРОВСКА (р. 1948), дипломиран графичар по образование, е една од првите кои работат на анимиран филм во Македонија. Таа во нејзината кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови кои се во опусот на т.н. „Скопска анимирана школа“, односно на Студиото за анимација на „Вардар филм“ – кое практично е формирано како Одделение (Студио) за анимација при „Вардар филм“ – во мај 1975, во кое творат Дарко Марковиќ, Владимир Бороевиќ, Славољуб Игњатовиќ, Петар Глигоровски, Афродита Марковиќ, Делчо Михајлов, Боро Пејчинов, Тонкица Митровска, Мирослав Грчев, Милка Ковиловска, итн…
ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика, се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број тв филмови, серии и драми, како и во над 60-тина театарски престави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: ), за музиката во филмот СРЕЌНА НОВА ’49 – ги освојува наградите „Златна арена“за оригинална филмска музика на ФФ во Пула (1986) и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на ФФ во Битола (1986), а добитник е и на три златни ловорови венци на МЕС – Сараево, за театарските престави: „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“; добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за преставата „Шехерезада“; потоа, на театарските игри „Војдан Чернодрински“, добива награда за музиката во театарската престава „Старите фотографии“, итн. Константинов има богат опус и во компонирање музика за телевизиски филмови и серии, каде што е ценет како исклучителен автор-соработник на врвни режисери од земјата и регионот.
Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.