Договор за заемно признавање  на возачките дозволи со СР Германија

Сподели

Договорот за заемно признавање  на возачките дозволи со СР Германија е особено значаен за нашите граѓани на кои им се овозможуваат бенефити, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во пресрет на потпишувањето на декларација меѓу македонското МВР и германското сојузно Министерство за транспорт и дигитална инфраструктура со амбасадорот на СР Германија Томас Герберих.

Ова значи дека на територијата на двете земји граѓаните кои ги исполнуваат условите според Декларацијата (законски престојуваат подолго од 180-185 дена во другата земја во текот на годината, имаат важечки национални возачки дозволи и кои наполниле 18 години) ќе можат да извршат замена на националните возачки  дозволи, со валидни возачки дозволи од земјата во која престојуваат. Притоа нема да бидсат изложени на дополнителни  трошоци за повторно полагање на возачките испити или пак обезбедување лекарски потврди и слично.

Такви и слични договори веќе имаме со повеќе европски земји како Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Чешка, Унгарија, Австрија, со  земјите од регионот – Србија, БИХ, Албанија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, а во завршна фаза се договарањата со Турција, Велика Британија, соседно Косово, како и Австралија и Нов Зеланд.

Министерот Спасовски истакна дека  декларацијата е само дел од низата билатерални и партнерски активности што од самиот почеток на македонската самостојност во континуитет ги реализираме заедно со Германија. Се надева дека интензивирање на соработката во идниот период особено сега, како што рече, кога се направени клучните исчекори за македонско полноправно асоцирање во евроатлантските интеграции.