Бугарија не може да бара со некаков нов договор или со декларација да прифатиме дека македонската нација и македонскиот јазик се без сопствена историја и корени. Тоа не спаѓа во сферата на политичките одлуки. Тоа е сфера на политичкото убедување, на научното докажување, па и на човечкото верување кое се гради во секоја нација и опстојува врз основа на вистини, но и на митови и митологизации. Тоа е сфера во која никој не може да тврди дека има монопол на вистината.
Не треба да се вознемируваме од тоа што бугарската влада, бугарското собрание па и бугарската академија на науките (БАН) тврдат дека не постои македонски јазик, и дека македонскиот јазик кој е запишан како официјален јазик на Република Македонија во нејзиниот Устав, бил само еден од дијалектите на бугарскиот.
Тоа не е ништо ново. И покрај таквите дамнешни и постојани тврдења на нашиот сосед ние како македонски народ со свој јазик живеевме мирно и се развиваме успешно повеќе од 45 години во составот на југословенската федерација и речиси веќе 30 години се развиваме самостојно, како независна држава членка на Обединетите нации.
Во овој период на 75 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик тој јазик опстојуваше и се развиваше како еден од трите официјални јазици на Југославија, стана јазик признаен од страна на Обединетите нации, почна да се проучува како посебен македонски јазик на низа катедри по славистика во светот и на тој јазик е создадена огромна литература и култура.
Бугарија го призна македонскиот јазик
Соочена со тие факти, Бугарија во времето на својот втор демократски избран претседател Петар Стојанов прифати договорите меѓу двете земји да се потпишуваат со формулацијата „На македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија“. Со тоа фактички беше признанена политичката реалност во денешна Македонија и се отвори патот за непречено потпишување на сите договори за соработка меѓу двете земји, па и за потпишување на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017.година од страна на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
Тоа, меѓу другото, беше и една од причините што и Грција со Договорот за добрососедство прифати нашиот јазик да си го нарекуваме и секаде во светот да биде означуван како македонски (без фуснота), бидејќи јазикот е во основата на нашиот посебен македонски национален идентитет.
Негирањата не ја менуваат реалноста
Сегашниот обид на Бугарија да почне да го убедува светот и нас во Македонија, со некаква фуснота во европските документи, дека македонскиот јазик не е посебен јазик туку само дијалект на бугарскиот, е политички гест кој не може ништо да промени освен да тура по малку сол на нашите рани и Бугарија да ја изложи на меѓународен потсмев.
Признавањето на посебноста на некој јазик или на било чиј јазик, не зависи од политичката одлука на било која држава а особено не зависи од политичка декларација и став на соседна држава.
Да беше така, по 45 години постоење на официјален српскохрватски јазик, никој немаше никогаш да признае дека постојат хрватски, бошњачки или црногорски јазик односно дека се тоа посебни јазици врз основа на кои се градат и развиваат посебни нации и национални култури.
Тоа се несомнено слични јазици, како молдавскиот и романскиот, рускиот и белорускиот и многу други, но се посебни и признаени во светот затоа што, на крајот од краиштата, јазикот на една нација и неговото именување е дел од универзалното право на самоопределување.
Само во периодите кога се оспорува нечие право на самоопределување се јавуваат обиди за негирање на посебноста на другиот.
Распаѓањето на Југославија започна со пропагандата на Милошевиќ за исмевање на посебноста на хрватскиот јазик. Српските сатиричари уште во 1971 година говореа дека само јазикот на омразата на хрватските и на српските националисти им е ист и напишаа: „Дури откако Србите и Хрватите си ги исплазија јазиците едни на други им стана јасно дека јазикот им е ист“, а во времето на Милошевиќ, по прогласувањето на незвисноста на Хрватска говореа дека по „Неделата за борба против ракот“ српските националисти ќе организираат: „Недеља борбе против тједна“.
Таа политика на негирање на посебноста на другите јазици пропадна тогаш, како и секогаш. Таа не може да ја смени реалноста и затоа звучи само како одглас од некои дамнешни и лоши времиња.
Негирањето има врска со „заедничката историја“
Негирањето на посебноста на македонскиот јазик од страна на Бугарија овојпат, не е со цел да се негира постоењето на „македонски јазик според Уставот на Република Македонија“, односно не е со цел да се негира веќе признатата реалност од нивна страна. Ова негирање е поврзано со темата: Постои ли македонска национална историја и култура пред 1945 или не постои, и што е тоа што треба да го прифатиме како заедничка историја со Бугарија, заради што е формирана и Комисијата за историските и образовни прашања меѓу двете земји.
Со својата „Рамковна позиција“, бугарската влада веќе реши политички да арбитрира по ова прашање и, ако се гледа текстот на тој документ во целина, станува јасно дека бугарската влада става до знаење дека услов за Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ е да ја прифати интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и на македонскиот јазик, како единствена историска вистина заснована на факти.
Според таа „историска вистина“ македонската нација е создадена со политичка одлука по Втората светска војна, односно македонската нација е вештачка творба, политички конструкт (пред се на Србите и на Тито) создаден со цел да се дебугаризира населението во Вардарскиот дел од Македонија, а македонскиот јазик е бугарски дијалект, напишан на српска машина за пишување со цел што повеќе да го оддалечи бугарското население во Вардарска Македонија од неговите бугарски корени.
Република Северна Македонија, според рамковната позиција на бугарската влада и на бугарското собрание, ќе треба да признае и дека „поинаквото пишување на историјата на Македонија по 1944 година со која се присвојува историјата на дел од бугарскиот народ (кој живеел до 1944 на територијата на Вардарска Македонија и во Кралството СХС – моја збелешка) е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“. Секоја поинаква интерперетација на настаните од пред 1944 година која не е во согласност со „историската вистина“ утврдена од бугарските историчари и политичари, со други зборови, ќе се смета за водење на антибугарска политика во Република Северна Македонија, односно за политика која е остаток од југословенскиот тоталитаризам.
Целта на ова политичко арбитрирање во историјата е да и се стави крај на дебатата за заедничката историја на Бугарија и на Република Северна Македонија и на дилемите околу тоа чиј е Гоце Делчев или што треба заеднички да славиме и прославуваме, но и да се отфрли помислата дека една вештачки создадена нација по 1945 година може да има свое национално малцинство во соседните земји.
Извор: makfax.com.mk
Оваа најнова „рамковна идеолошка позиција“ на Бугарија која не се разликува ниту за малку од позицијата на Тодор Живков во времето на најмрачниот бугарски тоталитаризам, не и остава голем маневарски простор на Македонија ниту за дебата а камо ли за договор во Комисијата за историски и образовни прашања.
Зошто токму сега?
На прашањето зошто токму сега Бугарија ги актуелизира своите историски позиции во однос на Македонија се чини дека одговорот е сосема јасен.
Бугарската држава и дипломатија од чија согласност и поддршка зависи членството на Македонија во ЕУ, гледаат прилика во процесот на зачленување на Македонија во ЕУ да изнудат уште некоја отстапка од Македонија. Таа отстапка тие ја нарекуваат „признавање на историската вистина заснована врз факти, со што ќе се спречи присвојувањето на бугарската национална историја и ќе се оневозможи антибугарската пропаганда во Република Северна Македонија“.
Денес во Бугарија има многумина кои сметаат дека Грција со Договорот за добрососедство си го заштитила своето античко минато а Бугарија во Договорот со Македонија не успеала да вметне јасни одредби за заштита на своето историско минато. Оттука таа своите цели настојува да ги оствари преку притисок врз Комисијата за историја и образование на двете земји.
Бугарија сега преку Комисијата и со политички притисок се обидува да и наметне на нашата земја нова и „исправна“ интерпретација за потеклото на македонската нација и на македонскиот јазик која треба да стане дел од нашиот идеолошки, политички и образовен систем. Кога Бојко Борисов зборува дека ние „не сме зрели за членство во ЕУ“ тој веројатно нашата зрелост ја поврзува со способноста за признавање на „единствената историска вистина“ што ја нудат бугарските историчари и политичари.
А кога претседателот на Бугарија Румен Радев вели дека Бугарија мора да ги постави своите црвени линии за поддршка на Македонија во ЕУ мисли на истите работи.
Тоа секако звучи како уцена и притисок од поголемиот и посилниот кон послабиот и тешко да наиде на разбирање кај било кого, не само во Македонија, туку и кај другите членки на ЕУ.
На искусни државници и дипломати би им било јасно дека ова е погрешен потег кој не само што нема да ги приближи Македонија и Бугарија туку дополнително ќе ги оддалечи.
За среќа, го имаме Договорот
За среќа, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, со сите слабости, во вакви моменти се покажува како клучниот одбранбен механизам за Македонија. Тој во голема мера е симетричен и не подразбира условување или уценување на било која од страните во договорот, туку упатува на обиди за изнаоѓање на заедничките точки од историјата на двете земји кои можат да помогнат во натамошно приближување и соработка на двата народи и на двете земји.
Ако политиката е уметност во остварувањето на можното, тогаш бугарската страна набргу ќе сфати, како што веќе сфатија бројни интелектуалци од Бугарија, дека ставовите од рамковната позиција на Владата и од декларацијата на Собранието на Бугарија се барања на невозможното.
Без рамковната позиција и без декларацијата, Бугарија можеше и може да си ги застапува тие позиции во Комисијата за историски и образовни прашања, и да очекува напредок само под услов конечно да разбере дека Македонците останаа Македонци и го кодифицираа својот литературен јазик како македонски само заради способноста да се одбранат од обидите за асимилација, не само од Бугарите туку и од Србите и од Грците. За тој процес на одбрана на македонската национална посебност и на македонскот јазик не се заслужни само борците во НОБ и Тито, туку и многу други историски личности кои преку идејата за создавање независна држава Македонија, и слоганот „Македонија на Македонците“ од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век создавале претпоставки за еден ден тој идеал да стане стварност.
Идејата дека „сега е моментот да се притисне Република Северна Македонија“ е лоша и непродуктивна. Таа не враќа како соседи во минатото дури од пред незвисноста на Македонија. И таа може да не оддалечува од посакуваната цел која ја дефиниравме како решеност, ако веќе не можеме да пронајдеме заедничко минато за славење, да се обидеме да најдеме заедничка иднина.
Бугарија не може да бара со некаков нов договор или со декларација да прифатиме дека македонската нација и македонскиот јазик се без сопствена историја и корени. Македонската нација, од денот кога создала своја држава (пред 75 години), можела слободно да почне да трага по својата етногенеза, по својата историја, да ги слави историските корени и заслуги на оние што помогнале во нејзиното создавање, а врз основа на тоа да се етаблира како нација меѓу нациите во светот и држава меѓу државите.