Специјалното јавно обвинителство вчера доцна попладне, пред завршување на работното време, ги доставило до судот во форма на фотокопија доказите за определување мерки за претпазливост против четири лица, информираат од Основен суд Скопје 1.
Оттаму велат дека предлозите биле доставени, откако во текот на вчерашниот ден како суд ја информирале јавноста дека СЈО доставило докази на кодиран мемориски стик кој не можел да се отвори. Од СЈО усно било соопштено дека доказите ќе може да се разгледуваат само во нивно присуство и само тие ќе имаат право да пристапат до нив.
– Предлозите, заедно со доказите, повторно се распоредени кај судиите на претходна постапка за понатамошно постапување во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка, а за сите нови дејства поврзани со овие предлози јавноста ќе биде навремено информирана – се вели во соопштението на судот.