Долниот дом на Францускиот парламент утринава со огромно мнозинство гласаше за продолжување на вонредната состојба за уште шест месеци, по минатонеделниот масакр во Ница, а попладне за тоа ќе гласа и горниот дом, Сенатот.
Вонредната состојба беше воведена по минатогодишните напади на Париз, извршени во ноември, а со ова до јануари 2017 година се продолжуваат и мерките што на полицијата ѝ даваат овластувања да вршат претреси и да ставаат лица во домашен притвор.
Долниот дом, или Народното собрание, исто така гласаше на властите да им се овозможи да се претресува багажот и возилата без претходно одобрение од обвинителството.
Дебатата за новиот закон била напната, а пратениците на крај, утринава го поддржаа законот за продолжување на вонредната состојба со 489 гласови „за“ и со 26 „против“.
Законот сега треба да мине во Сенатот, кој попладне ќе гласа.
Ова е четврто продолжување на вонредната состојба во Франција.