ДОМ: Потребна е зелена, а не градежна експанзија во Расадник

Сподели

 

“Зелената партија ДОМ, остро се спротивставува на предложениот ДУП за Расадник. Апелираме до сите советници во општина Кисела Вода, да го следат јавниот интерес за хумано и квалитетно живеење и да не го усвојат ДУП-от.

Според објавените информации во медиумите, во оваа населба се планира изградба на 100 згради во кои би можело да се вселат околу 20.000 станари. Тоа е соодветно на вкупниот број жители на еден помал град, како Делчево или Ресен! Предложениот ДУП неколкукратно ја надминува густината на жители предвидена со ГУП-от на град Скопје. Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, ДУП-от мора да е во согласност со ГУП-от.

Дополнителен проблем би претставувало и обезбедувањето соодветна комунална и сообраќајна инфраструктура за толку голем број жители.

Укажуваме и на обврската за почитување на одредбите од Законот за урбано зеленило, за заштита на зеленилото и обезбедување најмалку 20% зеленило на градежна парцела.

Имајќи го предвид ургентниот проблем со аерозагадувањето и климатските промени, ДОМ предлага наместо градежна, зелена експанзија во Расадник. Наместо нови згради, да се направи парк во овој дел на градот” – се наведува во денешното соопштение на ДОМ.