Карипските острови сѐ уште неопоравени од штетата која им ја нанесе ураганот Ирма, а веќе мораат да се борат со уште една природна катастрофа, ураганот Марија. Доцна вчера вечерта ураганот Марија го погоди островот Доминика и направи хаос на целата негова територија.
Засега нема извештаи што се случува на островот Доминика, кој има околу 72.000 жители, но премиерот на Доминика, Рузвелт Скерит, кој во живо го следи движењето на ураганот преку својот профил на „Фејсбук“ напишал:
„Кажете му на светот дека Доминика беше уништена. Наутро ќе знаеме колку жртви понесе со себе ураганот. Изгубивме сѐ што може да се купи со пари“, изјави Скерит, зборувајќи за Telesur TV.
Тој објавил дека секој со кого имал можност да разговара останал без покрив, дека се било уништено и дека очекува кога ќе се раздени да се појават и првите жртви. Тој рекол дека веднаш ќе тргне во обиколка за да се утврди штетата.
Во Порторико веќе евакуираше голем дел од населението, со преку 68.000 луѓе кои се во засолништа обезбедени од Владата. Се очекува бројката на згрижени луѓе да порасне на околу 133.000 луѓе до крајот на оваа вечер.