ДОНАЛД ТРАМП ГО СМЕНИ РАКОВОДСТВОТО НА ТИМОТ ШТО ЈА ВОДИ ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Сподели

ЊУЈОРК (АА) – Кандидатот за претседател од Републиканската партија, Доналд Трамп, го смени раководството на тимот што ја води неговата предизборна кампања во пресрет на претседателските избори во САД, кои ќе се одржат на 8 ноември, јавува Anadolu Agency  (AA).

Од канцеларијата од каде што се води кампањата на Трамп соопштено е дека е именуван извршниот директор, Стивен К. Банон, основач на медиумската куќа „Бреитбарт Њуз“ (Breitbart News). Тој е познат по своите остри критики кон раководството на Републиканската партија којашто не го поддржа Трамп, но и против кандидатката за претседател од Демократската партија, Хилари Клинтон.

Паралелно со нив, на функцијата шеф на кампањата на Трамп е именувана Келиен Конвеј од истражувачкиот центар „Конвеј“.

Новиот извршен директор на кампањата на Трамп, Банон, е основач на медиумската куќа што од почетокот на кампањата го поддржуваше Доналд Трамп, а весникот „Њујорк тајмс“ го нарече „конзервативен медиумски провокатор“.

Вниманието на јавноста го привлече фактот што одлуката на Трамп за промените во врвот на предизборната кампања дојде на помалку од три месеци пред изборите и веднаш откако медиумите во САД досегашниот челник на кампањата Пол Манафорт го обвинија за примање пари од страна на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.

Медиумите тврдат дека проруската Партија на регионите на Јанукович, на Манафорт му донирала 12,7 милиони долари, а адвокатите на Манафорт ги негираа тие обвинувања.